Новости

Македонија

Денеска почнуваат уписите во средните училишта

Документите што полуматурантите треба да ги однесат во училиштата, како и условите за упис, ги има во Конкурсот за упис

Денеска и утре почнуваат уписите во сите средни училишта во земјава. Документите што полуматурантите треба да ги однесат во училиштата, како и условите за упис, ги има во Конкурсот за упис.

Веќе десетина години не стивнува интерeсот за упис во гимназиите, медицинските и економските струки, за сметка на профилите во земјоделските, ветеринарните и електротехничките училишта. Во некои училишта состојбата е навистина сериозна и тие се на работ на затворање.

Токму затоа, годинава Министерството за образование и наука имаше неколку проекти со цел зголемување на интересот за упис во средните стручни училишта.
Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места по првиот уписен рок ќе бидат објавени на 19 јуни 2019 година.
Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 21 јуни 2019 година, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени на 21 јуни 2019 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој ученикот ја следел наставата во основното училиште.
По објавување на ранг-листите со резултатите од запишувањето, учениците што не се запишани во училиштето задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 48 часа, а училиштата имаат обврска да им ја вратат целокупната документација на учениците во рок од 48 часа.

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни 2019 година.

Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули 2019 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 2 јули 2019 година.
Учениците што се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои ќе има слободни места по jунскиот рок, на 26 август 2019 година, за што доставуваат доказна документација.

GOLD
To Top