Новости

Македонија

Денеска се слави заштитникот на занаетчиите – Свети Спиридон Чудотворец

Св. Спиридон традиционално се смета за заштитник на занаетчиите (најмногу на чевларите и грнчарите).

Житие на светиот Спиридон Чудотворец, епископ Тримитундски

Место на раѓањето и на службата на овој славен светител е островот Кипар. Роден е од прости родители, земјоделци, а и самиот беше и остана прост и смирен с ѐ до својата смрт. Во младоста се ожени и имаше деца. А кога умре жена му, тој сиот се предаде на служба на Бога. Заради неговото особено благочестие беше избран за епископ на градот Тримифунт. Но тој и како епископ не го измени својот прост начин на живеење и околу својата стока и обработката на земјата се трудеше самиот лично. За себе многу малку употребуваше од стекнатото, поголемиот дел им го раздаваше на бедните луѓе. Со Божјата сила покажа големи чуда: низведе дожд во време на суша, го запре текот на реката, воскресна неколку мртовци, го исцели царот Констанс од тешка болест, ги виде и ги слушна ангелите Божји, проѕираше во тајните на човечките срца, многумина обрати во вистинската вера итн.

Учествуваше на Првиот Вселенски Собор во Никеја и со своето просто но јасно исповедање на верата, како и со многубројните моќни чуда што ги изврши, голем број еретици ги врати во Православието. Беше облечен толку просто, што кога еднаш поканет од царот сакаше да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удри шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го заврти и другиот образ. Откако Го прослави Бога со многубројни чуда и на многумина им покористи поединечно, а и на целата Божја Црква, се упокои во Господ во 348 година. Неговите чудотворни мошти сега се на островот Крф и ден денес Го прославуваат Бога со многубројни чуда.

Неговите свети и пречесни мошти се чувале на Кипар до наездата на арапите во седмиот век, кога биле префрлени во Константинопол, од каде што по втор пат, пред падот на Градот, биле префрлувани низ балканските земји, за на крај, околу 1460 година да бидат пренесени на Крф од страна на монахот Калохеретис. Жителите на овој остров го сметаат св. Спиридон за свој небесен покровител и застапник пред Бога, поради многуте чуда кои овој велик отец ги извршил за нив. Литија со неговите мошти се одржува четири пати во годината, и на секоја од нив се спомнува за некој особен настан во кој верниот народ се уверил во застапништвото на светителит: на Цветници, кога според преданието, светителот го заштитил локалното население од чума, на Велика Сабота, кога по неговите молитви жителите биле избавени од глад, на 11 август, кога се случило чудото со избавување на островот од османлиската опсада во 1716 година, и првата недела од ноември, кога повторно, светителот го избавил островот од чумата што му се заканувала.

Црквата што го носи неговото име се наоѓа во центарот на градот Керкира, и во неа секојдневно притекнуваат реки од верници од сите страни на светот, кои доаѓаат да се поклонат и да ги целиваат моштите, или да се заблагодарат за избавувањето од зла кои, според нивната вера, се случила по молитвите на овој светител.

GOLD
To Top