Новости

Македонија

Детектор: Граѓаните со поделен став за транспарентноста на Владата

Граѓаните имаат поделен став за транспарентноста на Владата во нејзината работа. Дел од нив сметаат дека таа е отворена и транспарентна (39,6%), а дел дека не е (39,3%), покажува истражувањето на јавното мислење на тема „Транспарентност на Владата“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Жанета Трајковска – директор на Институт за комуникациски студии и Бардил Јашари од „Метаморфозис“.

Мнозинството од граѓаните немаат увид во плановите и работата на Владата (54,2%), за нив состојбата со транспарентноста и отчетноста на Владата останува иста со минатата година (29,3%). Поголем број од испитаниците од албанска етничка припадност сметаат дека оваа Влада е транспарентна во својата работа (45,6%), за разлика од Македонците (37,9%) и другите етнички заедници (36,4%) кои не го делат истото мислење.

За Жанета Трајковска, директор на Институт за комуникациски студии, оваа перцепција на граѓаните не е изненадување бидејќи, вели, од една страна дел од граѓаните немаат доволно информации за тоа што значи да се биде транспарентен и отчетен, а од друга страна постои и стереотип дека владините институции секогаш биле и ќе останат затворени.

Според резултатите од истражувањата кои во низа изминативе три години ги прави „Метаморфозис“ и се однесуваат на транспарентноста на централната и локалната власт, судот и обвинителствата, „се забележува подобрување на отвореноста на институциите споредбено со институциите од регионот“.

-Најголем напредок има во централната власт, потоа Парламентот, а најмалку транспарентни се обвинителствата и локалната самоуправа. Лани нашата централна власт беше најтранспарентна во регионот, а Парлементот е при врвот, истакна Бардил Јашари од „Метаморфозис“.

Најголем дел од испитаниците во анкетата не им веруваат на информациите од претставниците на државните институции задолжени за односи со јавност (44,8%). Тие сметаат дека државните институции не ги информираат навремено за прашања од јавен интерес (45,3%). Од вкупниот број граѓани кои поставиле прашање до некоја институција, најголем дел од нив ја добиле посакуваната информација (62,4%).

-Капацитетите на сите министерства се различни, капацитетите на секторите за односи со јавност се различни, но различни се и потребите на граѓаните од нив. Она што треба да се направи е да се воедначи системот и да се направат соодветни одделенија што ќе одговорат на работата на секое министерство, вели Трајковска.

Министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски уверува дека оваа Влада работи на подобрување на отчетноста и транспарентноста бидејќи досега има изработено стратегија за комуникација која ги дефинира начините на внатрешна комуникација и кон граѓаните, промовиран е Е-портал преку кој граѓаните ќе ги добиваат информациите, а сите институции имаа обврска да ги објават основните 21 документ на својот сајт и веќе е тоа направено. За да се унапреди отвореноста Поповски истакнува дека потребно е да се изработи стратегија за транспарентност која што ќе се однесува на цела Влада.

Според Трајковска, отчетноста и транспарентноста на која било институција е процес кој што треба да се надоградува и продлабочува во континуитет.

Граѓаните сметаат дека можат да ги искажат сопствените ставови во јавност без никакви последици (53,8%).

Учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки е исто така дел од транспарентноста, истакнуваат соговорниците.

-Кај нас постои култура на затвореност и неучество. Транспарентноста значи да се има интеракција помеѓу граѓаните и самите институции. Платформи постојат многу за тоа, но малку се користат, вели Јашари.

Според Трајковска, потребно е и образование на граѓаните за да можат да се вклучат во креирањето на политиките и да бидат критични кон работата на владата, а од друга страна потребна е и интеракција и меѓусебна комуникација на политичките елити со граѓаните.

-Со сериозна едукација, аналитичност и интеракција со власта на секое ниво можеме да имаме партиципативна демократија и здраво општество, вели Трајковска.

Испитаниците се поделени околу моменталното исполнување (42,2%), односно неисполнување (43,5%) на стандардите и препораките на ЕУ во однос на транспарентноста на Владата. Мнозинството од нив (59,1%) сметаат дека таа ќе се подобри со нашето членство во унијата.

Говорниците во емисијата се едногласни дека треба да се следат искуствата од западноевропските земји, бидејќи транспарентноста не е цел сама по себе, туку е неопходна за да се врати довербата на граѓаните кон институциите и да имаме подобра држава и поквалитетен живот.

-Државата треба да е предводиник и лидер на транспарентноста и отчетноста, бидејќи тоа е концептот на владеење на оваа Влада, заклучи министерот Поповски.

Истражувањето на тема „Транспарентност на Владата“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 25 април, на 1.109 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.

GOLD
To Top