Новости

Македонија

Дури осуммина починати од грип за само една недела во Македонија

Осум нови смртни случаи поради грип се пријавени во Институтот за јавно здравје во текот на изминатата недела, а јавноста во овој период беше известена само за двајца починати. Еден од новопријавените смртни случаи починал околу 20. февруари.

– Пет починати лица се од Скопје, а по едно од Делчево, Охрид и од Кавадарци. Петмина од нив починале во ГОБ „8. Септември“, од кои четворица минатата недела и еден случај бил пријавен со задоцнување од претходните недели. Две пријави се од Клиниката за инфективни болести и едно од Клиниката за детски болести. Кај 7 лица е утврдена претходна болест. Само едно е дете на 12-годишна возраст и една помлада жена, на 26-годишна возраст, која имала церебрална парализа, а сите други починати се постари од 60 години. Тие биле болни најчесто и од дијабетес, срцеви заболувања и ХОББ. Кај сите починати е докажан инфлуенца А вирусот, од кои кај 5 лица е потврден А (H1pdm) вирусот на грип – изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот.

Таа појасни дека едно од лицата починало во 7. недела од годинава, а било пријавено со случаите кои се евидентираат до 3. март. Досега грипот однесе 11 жртви.

А за тоа зошто се доцни со пријавата на починатите од грип, кога е во ек ова заразно заболување од кое, според Законот за заштита од заразни заболувања, здравствените установи се должни за еден ден да ги пријават новите смртни случаи, д-р Кузмановска рече:

– Пријава за починато лице треба да се достави во Институтот за јавно здравје во рок од 24 часа. Не сите здравствени установи навреме ни доставуваат пријави за починатите од грип – потврди д-р Кузмановска.

Активноста на вирусот на грип и натаму е висока, а од 100 примероци кои биле испратени на анализа во минатата недела, дури кај 80 отсто бил докажан вирусот од типот А Х1 Н1 (сезонски грип), кај 11 отсто типот Х3Н2, а кај 9 отсто тип А  (несубтипизиран).

– Грипот можно е да изненади со нов бран, вирусот на инфлуенца е подложен на многу надворешни промени во генетската и антигенската структура – додаде д-р Кузмановска.

Oд 25.02 до 03.03.2019 се пријавени нови 2.678 случаи на грип, па сега има вкупно 15.200 заболени во оваа сезона.

GOLD
To Top