Новости

Македонија

Една година Преспа – Северна Македонија на прагот на НАТО, датум за преговорите со ЕУ најдоцна наесен

Во малото населено место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро точно пред една година Никола Димитров и Никос Коѕијас го ставија својот потпис на Преспанскиот договор, документ со кој се стави крај на речиси тридеценискиот спор меѓу Скопје и Атина околу името.

Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската унија. Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството остана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Во земјава се спроведоа уставни измени, а согласно Договорот Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, што досега го сторија 17 земји-членки и се очекува до крајот на годинава или на почетокот на следната и официјално земјава да стане дел од Алијансата. За преговорите со ЕУ очекувањата беа дека ќе добиеме зелено светло овој месец, но по најавата дека германскиот Бундестаг за последниот извештај на ЕК ќе расправа во септември, сега очекувањата за датум се поместија за наесен.

Договорот има голема поддршка од меѓународната заедница, која го оценува како своевиден пример за решавање спорови, во регионот, но и во светски рамки, а поради него Северна Македонија во последниот извештај на Европската комисија беше наречена светол пример во регионот.

МИА

GOLD
To Top