Новости

Македонија

Еурокомпозит: Дел од работниците најавуваат штрајк со глад

Вработените во последниот македонски загубар по кој знае кој пат излегоа на протести. Од Прилеп дојдоа во Скопје и поставија шатори пред Владата, а дел од нив најавуваат дека ќе започнат и штрајк со глад доколку не се најде трајно решение за компанијата.

Работниците поставија камп пред Владата 

Вработените од Еурокомпозит пристигнаа во Скопје и поставија шатори пред Владата. Велат дека ќе останат таму се до исполнување на нивните барања – исплата на 18 заостанати плати, придонеси за последните 7 години, како и отпремнина за вкупно 154 работници кои доброволно потпишаа да бидат прогласени за технолошки вишок.

Бараат итна средба со премиерот Зоран Заев и со вицепремиерот Кочо Анѓушев, а најавуваат и штрајк со глад доколку надлежните останат глуви на нивните барања.

„Вчера не примија само членови на кабинетот на вицепремиерот, наводно тој бил на пат и не можел да не види. Ни ветија дека утре најкасно понеделник ќе ни исплатат дел од парите, но така викаат веќе со месеци. Не им веруваме. Подготвени сме да започнеме и штрајк со глад, а дефинитивно остануваме овде во шаторите што ги поставивме синоќа“ изјави еден од работниците кои се стационирани спроти зградата на Владата.

Вработените велат дека власта речиси две години само ги залажува и купува време, а не нуди трајно решение за нив.

„Во јуни ќе поминат две години откако ги добивме првите ветувања од оваа Влада. На првата средба со вицепремиерот ни рече дека за шест месеци проблемот ќе биде решен. Од тогаш не е мрднато ни милиметар. На следната средба ни вети дека за три месеци ќе биде се средено, па пак немаше ништо. Последен пат се видовме на 29 март кога беше во Прилеп и пак ништо“ вели друг вработен во Еурокомпозит.

Работниците веќе неколку пати поставуваат камп пред Владата. Од Скопје си заминуваа за Прилеп откако ќе добиеја ветување или мал дел од заостанатите побарувања што ги имаат.

„Овие лаги немаат крај, остануваме сега тука до крај. Знаме дека проблемот не се решава преку ноќ но од некаде мора да се почне. Ако треба и со глад ќе штрајкуваме“ вели вработен во последниот македонски загубар.

Владата вели дека се бара трајно решение 

Од Владата велат дека се посветени на наоѓање одржливо и трајно решение за комбинатот. Прв чекор бил прогласувањето на технолошки вишок на дел од вработените.

„Со измени на Законот за обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, 153 лица од компанијата се згрижени и добиваат месечен надоместок“ велат од Владата.

Оттаму додаваат и дека претставниците на синдикатот и на вработените биле информирани за сите чекори кои се преземаат за надминување на проблемите во комбинатот, а пред се за можните решенија поврзани со обврските од работниот однос на вработените.

„Се бара решение со сериозни странски стратешки партнери кои се заинтересирани за инвестирање во „Еурокомпозит 11 октомври“. На тој начин се очекува да се решат и други прашања поврзани со правата на вработените во комбинатот, односно исплата на дел од заостанати придонеси по основ на работен однос, се вели во соопштението“ велат од Владата.

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Денар

GOLD
To Top