Новости

Македонија

Жетвата на пченицата е во тек – откупната цена ќе зависи од квалитетот

Жетвата на пченицата е во тек, а откупната цена се движи повеќе од 10 денари, рече денеска министерот за земјоделие, Трајан Димковски.  Но, сепак цената зависи од квалитетот на пченицата.

-Кога зборуваме на цена од нива, на таа цена се додаваат транспортните трошоци и данокот. Очекуваме и се покажа дека е подобра цена од минатата година. Сепак зависи од квалитетот и договорните услови и видот на производството. Оние со поголеми количини се во подобри позиции да преговараат за повисока цена, додека кај малите земјоделци бидејќи имаат проблем со складирањето, затоа имаат проблеми од самата нива да ја продадат, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделие.

Будно ги следат состојбите, доколку е потребно да се преземат мерки, односно доколку е потребно преку Агенцијата за стокови резерви да се овозможи набавка на домашна пченица.

-Минатата година 3-4 пати интервениравме во зависност од културата, досега немаше потреба да се интервенира за таква мерка, истакна Димковски.

Од Платежната агенција пак најавија дека земјоделците веќе за есенската сеидба ќе можат да ја користат мерката „Зелена нафта“.

-Ние како Агенција распишавме тендер, денеска можам да кажам дека е успешно завршен, избран е економскиот оператор, во текот на наредната недела ќе биде потпишан договорот со економскиот оператор и до крајот на овој месец земјоделците ќе ги добијат првите картички за користење на зелена нафта, изјави Никола Бабовски, директор на АФПЗР.

Со оваа мерка со која се покриваат 30% од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација се опфатени 55.000 земјоделци, а буџетот е 200 милиони денари.

GOLD
To Top