Новости

Македонија

Завршува конкурсот на СДСМ за кандидат за претседател на државата

Денеска завршува конкурсот на СДСМ за кандидат за претседател на државата. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ќе се обиде со лидерот на ДУИ Али Ахмети да најдат заеднички консензуален кандидат.

Вчера на средба двајцата лидери заклучија дека личност која ќе ги претставува сите граѓани на Република Северна Македонија и ќе прати порака за едно општество за сите треба да биде заедничкиот кандидат за претседател на Република Северна Македонија кој ќе се обидат да го најдат.

– Станува збор за вредна шанса, што можеби ќе успее, а можеби не. Ова не е лесно, но драго ми е што има квалитетни кандидати. Договоривме да ги споделиме анализите и анкетите, што ќе бидат од голема помош во изнаоѓањето кандидат зад кој стојат и Македонците и Албанците и помалкубројните етнички заедници во државата, изјави Заев по средбата и изрази верување дека при крајот на неделата ако има шанси за заеднички кандидати имињата ќе излезат на површина.

Убеден е дека процесот ќе заврши со успех затоа што е важно заради иднината на државата, заради концептот едно општество за сите и да се испрати повторно порака на единство помеѓу граѓаните.

Али Ахмети, пак, изјави дека одлуките што ќе се носат треба да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите.

Партиските органи во наредните денови ќе ги продолжат консултациите за можноста за зеднички претседателски кандидат. До крајот на неделата ќе има оформено став дали е можен заеднички настап, а на почетокот на другата недела треба веќе да се определуваат имињата.

И Ахмети и Заев отфрлија дека ќе се кандидираат за шеф на државата.

Освен со Ахмети, Заев најави дека ќе има средби и со другите политички партии од и надвор од владината коалиција.

За Заев како заеднички претседателски кандидат не е е прифатлива професорката Гордана Сиљановска, која ВМРО-ДПМНЕ на партискиот конгрес ја избра за нивен претседателски кандидат.

-Имам почит кон сите, дури и кон политичкиот противник кој застана зад професорката, но таа е сосема спротивно од концептот што оваа Влада, мнозинството граѓани го развиваат во Македонија, па дури е спротивна на концептот едно општество за сите, рече Заев.

Конкурсот на СДСМ за пријавување на кандидати за претседател на државата завршува денеска, а кој ќе ја претставува владејчката партија во претседателската трка ќе се знае на конгресот закажан за 3 март. Единствен кој досега има поднесено кандидатура за претседател од СДСМ е поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов.

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај./МИА

GOLD
To Top