Новости

Македонија

Замрзнати се 69 објекти на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и седиштето на партијата

Кривичниот суд замрзна имоти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и седиштето на партијата позната како Белата палата во истрагата за случајот Талир, соопштија од Специјалното јавно обвинителство.

Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини.

Вкупната проценета вредност на 68 објекти е 3,5 милиони евра, а меѓу нив има и земјиште.

Седиштето на партијата е проценета на над 14 милиони евра.

Како што стои во соопштението на СЈО, со одлуката се забранува отуѓување на конкретниот имот како и негово давање под закуп.

Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката.

Од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека се работи за политички прогон на партијата а прстот  го вперија во премиерот Зоран Заев и судиите ос скопскиот Кривичен суд. Од најголемата опозициска партија најавија и дека ќе бараат лична и политичка одговорност.

Од СЈО велат дека побарале замрзнување на имотот од две причини. Едната е најавите на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју дека има намера за продавање или давање под закуп на палатата, а втората е продажба на еден стан во Кисела Вода на почетокот од годинава за околу 100.000 евра.

Случајот “Талир” се води против Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски, Даниела Рангелова и други високи партиски фукционери за незаконско финансирање на партијата во вредност од речиси 5 милиони евра.

Со овие средства, според СЈО, биле склучени 78 договори за купување недвижен имот, а дел од овој имот не се користел за партиски, туку за приватни цели и трошење по ресторани, хотели, и подмирување на тековни партиски обврски.

 

 

 

 

 

Извор: Канал5

GOLD
To Top