Новости

Македонија

Започнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Собранието на Република Македонија, заедно со мноштво значајни знаменитости низ планетата, заблеска во портокалово, обојувајќи го заедно со нив светот во портокалово во поддршка на ставањето крај на насилството врз жени и девојчиња, со што беше означен почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

На настанот кој го организираа семејството на Обединетите нации и Собранието на Република Македонија се обратија Претседателот на Собранието Талат Џафери, Претседателот на Владата Зоран Заев, Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата Луиза Винтон.

Претседателот на Собранието Талат Џафери го искажа своето уверување „дека сите заедно, со заеднички напор, можеме многу да направиме, особено во борбата против какво било насилство врз оваа категорија на засегнати жени и млади девојки”.

Премиерот Зоран Заев ја изрази одлучноста на Владата „да градиме општество втемелено на принципите на родова еднаквост и цврсто да застанеме зад заложбата за нулта толеранција спрема секоја форма на насилство врз жените и девојките“, додека Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска нагласи дека „борбата против родово базираното насилство е задача на институциите, но не и само нивна.

Тоа е борба на заедницата во целина, затоа што последиците од поединечните акти на насилство се рефлектираат врз целото општество“.

Постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата Луиза Винтон, цитирајќи ја денешната изјава на Генералниот секретар на ООН истакна дека „насилството врз жените во основа се однесува на моќта. Тоа ќе сопре само кога родовата еднаквост и целосното јакнење на жените ќе станат реалност.”

Пратениците заедно со претставници на дипломатскиот кор, на меѓународните организации, на невладиниот сектор и останатите гости на настанот на симболичен начин учествуваа во осветлувањето на Собранието во портокалово, пренесувајќи порака дека „сите сме тука, вклучени, со срце за секоја една, за да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата“.

Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ има за цел да ја подигне свеста и да поттикне конкретни чекори кои ќе помогнат да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата ширум светот, и се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 24 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права.

Во текот на овие 16 дена активизам во земјата ќе се одржат бројни активности кои ќе вклучуваат поддршка од јавни личности од различни сфери, можност сите да постираат свои пораки против насилството за да ја покажат својата поддршка на социјалните медиуми, како и низа дебати и работилници ширум земјата.

 

 

Евротип
SNBROKER
To Top