Новости

Македонија

Затвореник од Идризово им избегал на полицајците додека купувале сендвичи

Затвореник од Идризово како на филм, среде бел ден им побегнал на чувари кои застанале да си купат сендвичи.

Затвореникот Фидан Исени бил транспортиран од Клиничкиот центар кон затворот, но двајцата затворски чувари ја смениле рутата на движење и со затворското комбе свртеле до сендвичарница блузи средно училиште „Коце Металец“ во населбата Автокоманда. Затвореникот го искористил нивното невнимание и им побегнал од затворското комбе, вели директорот на затворот Идризово, Боби Мојсоски. Најави суспензии за чуварите.

-Целиот случај е од невнимание и грешка на затворските полицајци. Наместо да тргнат по стандардната рута, тие скршнале од патот, застанале на бензиската Макпетрол за да си купат сендвичи. Настанот го пријавила командирката во чуварската служба но откако се вратиле назад во Идризово, вели директорот Мојсовски за Канал 5.

Ги отфрла како неточни информациите дека комбето било пресретнато од вооружени лица кои му помогнале на Исени во бегството. Според неговите информации во моментот кога чуварите ја отвориле задната врата од полициското комбе, Исени скокнал, ги турнал и се дал во бегство. Првиот човек на затворот Идризово, вели дека станува збор за огромен пропуст на полицајците, а ќе треба да одговорат и зошто затвореникот не бил врзан со лисици. Затворските чувари се суспендирани и ќе се превземат мерки за одговорност. Тие даваат изјави и пред службени лица од МВР каде е пријавен настанот, вели Мојсоски.

Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот и се трага по затвореникот веднаш откако било пријавено.

Дополнително, Управата за санкции ќе утврдува како успеал да излезе од затворското комбе кое треба да е заклучено, велат оттаму за Канал 5. Директорот на затворот покренува постапка за суспензија и мерки за одговорност за чуварите, а ние го следиме процесот. Очекуваме да ги добиеме целосните информации за настанот по што ќе добиеме појасна слика, велат од Управата.

Затвореникот Исени бил осуден на затворска казна од 7 и пол години за повеќе кривични дела за предизвикување на општа опасност, насилство, криумчарење на мигранти. Затвореникот бил повратник, а досега одлежал една година и шест месеци од казната пренесува Канал5.

GOLD
To Top