Новости

Македонија

Лидерско соочување – наскоро ТВ дуел помеѓу Заев и Мицкоски

Откако Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа, по завршувањето на седницата на партискиот Централен комитет, излезе со барање за ТВ дуел со премиерот Заев, премиерот ја прифати поканата.

– Основен принцип на работата на премиерот Заев е отвореноста и така функционира и Владата. Наназад со години бараме дуел, секогаш сме биле подготвени,  комуницираме двонасочно и како Влада секогаш сме отворени за дуели, дебати, новинарски прашања на прес-конференции, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Стигна и првата понуда од медиумите.

Канал 5 упати јавна покана до Заев и Мицкоски преку емисијата „Само Вистина“ со предлог дебатата да трае два часа за теми од внатрешната, надворешната и социјалната политика, а секој од лидерите да има право на три свои лични прашања.

И МТВ ги покани лидерите на ТВ дуел. Според уредникот на Информативната програма на МТВ, Стојан Трпчевски, двајцата лидери би разговарале за прашањата поврзани со актуелната политичко-економска состојба во земјава.

ТВ-дуелот би се реализирал во Македонската телевизија, а терминот би се утврдил во координација со кабинетите на двајцата соговорници во зависност од нивните активности, се наведува од МТВ.

Последен пат дуел помеѓу лидери од опозицијата и власта имаше во 1998 кога се памети легендарниот ТВ-дуел помеѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.

GOLD
SN Finansii
To Top