Новости

Македонија

Македонски граѓани од Италија не поминале низ медицински контроли на аеродром

Додека министерот Филипче убедува дека се засилуваат контролите на граничните премини и на скопскиот аеродром, македонските граѓани кои викендов пристигнале во државата од Италија, тврдат дека не поминале никакви медицински контроли заради корона вирусот.

Епидемијата на корона вирусот почна да ги враќа македонските граѓани кои живеат во Италија, назад во земјава. Викендов многу македонски граѓани пристигнаа со двата авиона кои слетаа на скопскиот аеродром. И покрај безбедносните мерки за кои надлежните тврдат дека се применуваат, во саботата патниците не поминале низ никаква контрола на скопскиот аеродрмо, никој не ги пречекал, не поминале покрај термалната камера, таму немало нити медицинска екипа. Авионот на Визер бил преполн, а во него имало многу македонски граѓани. Една од нива е Оливера Јовановска која живее во провинцијата Мира, во областа Венеција токму каде што се појави првиот заболен случај.

„Во саботата слетавме на скопскиот аеродром и јас очекував контрола. Во авионот имаше многу македонски граѓани, десеттина од нив беа со медицински маски. Се изненадивме што никој не не пречека, не ја видовме и не поминавме проверка со термалната камера, никој не ни даде упатства како да постапуваме понатаму, немаше лекарска екипа. И на аердромот во Италија, пред полетување немаше медицински тим. Ние си ги знаеме препораките кои што беа издадени во областа каде што живееме и ги почитуваме“, изјави за НОВА, Оливера Јовановска, која со семејството е на однапред планиран одмор, а во Скопје ќе остане до 1 ви март кога завршува распустот на децата.

Во регионот на Северна Италија каде што е и провинцијата Мира, односно во 11 провинции, затворени се учиштата, градинките и децата се на продолжен распуст до 1 ви март. Откажани се сите јавни собири, манифестации, приватни и јавни, спортски активности, собирања на луѓе од било кој тип, симпозиуми, семинари.

-„Од почеток не ни се веруваше што се случува, но кога беа издадени сите мерки на претпазливост и сфативме дека корона вирусот е тука и е реалност, луѓето почнаа да заминуваат некои на море, некои на планина, кој каде може да се организира“, вели Јовановска.

Денеска пак, министерот за здравство, Венко Филипче апелира да се одложат сите патувања во регионот на Северна Италија. Тој информира дека од утрово е воведена контрола на сите патници кои доаѓаат во нашата земја и на граничните премини, не само на аеродромот.

-Утрово имавме состанок со Комисијата за заразни болести на кој што присуствуваа претставници на граничната полиција и го подигнавме нивото на внимателност и подготвеност на сите наши институции. На аеродромот, мерките ги прошируваме не само за патниците коишто доаѓаа од Кина, преку конекциите во Истанбул и Дубаи, туку практично за сите патници коишто сега ќе бидат скенирани на местото, каде што се влегува во делот за царина, изјави Филипче.

Тој нагласи дека дека било контактирано македонскиот конзул во Венеција, од каде што биле информирани дека нема податоци за заболени наши граѓани во овие области.

„Во овој момент нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Се организиравме и го замоливме конзулот, доколку постои механизам тој да биде известен доколку група наши граѓани сака да се врати во нашата земја, на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини, рече министерот Филипче.

Нејасно е како е можна таква некоординација, како затаил системот за кој цело време од Министерството за здравство смируваат дека е на високо ниво, а во исто време на скопскиот аеродром да нема никаква контрола, особено на патници кои доѓаат од критичниот регион каде што веќе има шест жртви и 219 заразени,  за многу краток временски период.

Инаку, Владата на Италија воведе вонредни заштитни мерки и 11 општини се ставени во карантин, во регионите Ломбардија и Венето. Од црвената зона никој не смее да излезе ниту да влезе. Јавните установи во Венето, Ломбардија, Емилија Ромања и Пјемонте се затворени. Откажани се сите настани, меѓу кои и карневалот во Венеција, кој требаше да трае уште два дена. Телевизиските емисии се без публика во студијата.

Во овие региони владее паникa, улиците се пусти, само супермаркетите работат со полна пареа каде граѓаните купуваат резерви на храна. Од вчера до денес бројот на заразени од 150 се искачи на 219 лица, а според статистиката, во Италија има најголем број заболени и жртви на ниво на цела Европа. Починатите се повозрасни луѓе кои имале други болести и се наоѓале во тешка здравствена состојба пренесува новатв.

 

GOLD
To Top