Новости

Македонија

Македонски иноватори во Израел презентираа проекти за еврејското наследство

Македонски иноватори од 24 до 29 јуни имаа можност на студиски престој во Израел да се запознаат со тајната на израелското економско чудо.

И покрај сите предизвици кои ги носат конфликтите на Блискиот исток, во Изрел со години наназад се развива една извонредна приказна за иновативноста заради која со право Израел се нарекува Стартап нација. Речиси целиот свет учи од импресивниот израелски претприемнички модел, кој се заснова пред се на култура на лидерство и управување со ризик. Стартап нацијата сега ги пренесува своите искуства и на Македонија.

Македонската делегација која го посети Израел ја сочинуваа победничките тимови од првиот хакатон „Биталон“. Турата наречена “Израел-стартап нација” всушност беше награда за најдобрите млади информатичари и иноватори од цела Македонија кои креираа дигитални алатки за да раскажат дел од историјата на Еврејската заедница во Битола. Во Израел тие ги презентираа проектите кои ги развија на битолскиот Хакатон Биталон во организација на израелското Министерство за надворешни работи и македонското Министерство за информатичко општество и администрација, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола и здружението ,,Архам,,.

Турнејата низ Израел вклучуваше посета на Ерусалим, Тел Авив и Хаифа, средба со водечки технолошки компании, акцелератори и лидери, но и посета на локалитети од областа на културното наследство. Македонската делегација посети и група деца со посебни потреби кои што се рехабилитираат со помош на музика.

Покрај на Универзитетот “Бар Илан”, како и во повеќе технолошки центри и акцелератори, македонските иноватори ги презентираа своите проекти инспирирани од еврејската историја и во Музејот на холокаустот “Јад Вашем” во Ерусалим, кој ја чува историјата на  6 милиони жртви на холокаустот.

,,Првата идеја беше да се најдат алатки со кои младите луѓе во Македонија ќе се заинтересираат за историјата на Евреите, но излегоа поголеми работи. Младите иноватори направија дигитални алатки со кој ќе можеме да го продолжиме овој проект. Добивме повеќе одошто очекувавме. Сега веќе имаме идеи за неколку апликации.,,-рече амбасадорот на Израел во Македонија Дан Оријан.

Врвни израелски стартап центри пред македонската делегација презентираа како успеале да ги лансираат своите бизнис идеи. Меѓу нив е и компанијата Мобилај Оркам која разви очила за слепи лица, односно алатка која со помош на гласовни пораки им помага на слепите во секојдневното опкружување. Оваа компанија, само два дена по посетата на македонската делегација, ја посети и принцот Вилјам кој во тој период беше во неколкудневна посета на Израел.

Но, ова е само мал дел од целата приказна за Израел како стартап нација. Во израелските стартапи и невозможното станува можно. Тоа се компании кои ги подобруваат, но и ги спасуваат животите на луѓето нудејќи иновативни решенија, почнувајќи од областа на безбедноста во сообраќајот, па се до употребата на вештачка интелегенција во функција на помагање на децата болни од канцер.

Македонската делегација се запозна и со проектот со кој што оваа година Израел, покрај само неколку други земји во светот, ќе лансира ракета во вселената со модул кој треба да слета на месечината.

За добрите идеи овде нема граници. Македонската делегација, беше тука за да ги пренесе искуствата од Израел, земја која и подава рака на Македонија со верба дека таа може да биде нова стартап нација.

“Сакам да се заблагодарам до израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан за неговите напори да се организира студиски престој во Израел за овие одлични млади луѓе кои се нашата иднина и кои можат да го поттикнат развојот на нашата економија, наука и образование. Тоа што овие млади луѓе од Македонија дојдоа на Универзитетот Бар Илан за да ги прошират своите искуства е многу важно. Се надевам дека соработката ќе продолжи. Контактите, мостовите помеѓу македонскиот и еврејскиот народ се многу важни и се надеваме на подобра иднина како за нас, така и за Израел.”-рече вршителот на работи во амбасадата на Македонија во Израел Александар Аврамовски, кој ја пречека македонската делегација.

Израел е релативно мала земја со нешто помалку од 9 милиони жители. Стара е само 70 години. Нема речиси никакви природни ресурси и е лоцирана во конфликтното опкружување на Блискиот исток. Сепак, оваа земја има повеќе стартапи од поголемите земји кои не се соочуваат со војна, како што се Јапонија, Кина, Индија, Канада и Велика Британија. Израел исто така успеа да создаде најмногу компании регистрирани на NASDAQ берзата и да изгради вибрантен стартап и иновациски еко-систем, на кој може да и подзавидат и поголемите земји.

GOLD
SN Finansii
To Top