Новости

Македонија

Малиот Јане испрати моќна порака од Обединети нации и се сретна со Бекам

11 годишниот Јане Велковски, како застапник за децата со попреченост од Македонија му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит на ОН во Њујорк. На годинашниот Светски ден на детето порача дека треба да се отстранат сите бариери со кои се соочуваат лицата со инвалидитет.

Јане Велковски кој боледува од спинална мускулна атрофија стана симбол за борбата на лицата со попреченост, а пораката која ја испрати од Њујорк ја слушна и поранешната фудбалска икона Дејвид Бекам со кој имаше можност да се запознае.

– „Моите родители уште од најмала возраст ме учеа дека можам да правам сè што прават и другите деца, но на поинаков начин. Како што растев, тоа стана мое правило, да правам сè што сакам и да уживам во животот. Одам во училиште и имам многу пријатели, учам и одам надвор да си играм, но мојата најголема пасија е фудбалот. Го сакам фудбалот уште од најмал, и играм секогаш кога ќе можам. Тој ми дава сила, енергија и ме прави среќен. Фудбалот ми помогна да се борам да добијам терапија, ме поврза со многу славни личности и ме направи голем борец за еднаквост во спортот. Верувам дека секој во светот може да игра фудбал, без разлика како ќе игра, важно е да се биде еднаков и почитуван“.

-„Себеси се гледам како еднаков на сите, така се однесувам и тоа е начинот на кој секој треба да се однесува. Но не е лесно кога користите инвалидска количка бидејќи има многу предмети на патот. Не ми пречи мојот инвалидитет, туку ми пречат останатите бариери кои ме опкружуваат. Ме нервира кога ме оневозможуваат да одам некаде кога нема рампа или транспорт за мене и моите родители ќе треба да ме земат. Кога бев помал родителите ми помагаа, ги тргаа сите препреки кои беа на патот, но сакам да израснам во личност која е независна. Децата како мене сигурно се чувствуваат исто. И би сакал да им кажам да бидат упорни и никогаш да не се откажуваат од соништата. Треба да ги срушат бариерите кога и да наидат на нив и да прават добри работи кои за жал се повеќе недостасуваат. А на возрасните сакам да им кажам, мора да направите се за правата на децата, да се елиминираат бариерите. Да се стави крај на дискриминацијата“.

Тој е дел и од проект на УЕФА за кој сними видео спот во кој се појавуваат Меси, Роналдо и Погба, а редовно е гостин и на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација.

GOLD
To Top