Новости

Македонија

Министерот за култура, Асаф Адеми поднесе оставка

Министерот за култура Асаф Адеми денеска поднесе оставка од функцијата. Адеми ја соопшти одлуката на прес-конференција во партиското седиште на „Алтернатива“ во скопска „Мавровка“.

Оставката, како што наведе, ја поднесува поради здравствени причини и во консултации со партискиот лидер Африм Гаши.

„Претседателот на партијата и пријателите од централниот комитет ја прифатија мојата одлука, но одлучивме да не го нарушуваме изборниот процес. Од ова политичко искуство, научив дека најважно во животот е образот. Јас денес не се срамам да стојам пред вас“, кажа министерот за култура Асаф Адеми.

Асаф Адеми е втор министер за култура во актуелната Влада кој се повлекува од функцијата. Пред него Министерството за култура го водеше Роберт Алаѓозовски.

Премирот Заев кажа дека  имал најава од министерот Адеми дека ќе поднесе оставка и дека ова го најавувал веќе подолго време.

„Му благодарам што остана до завршување на изборите и денес ќе испиеме кафе. Имам разбирање за неговата здравствена состојба и му пожелувам се најдобро понатаму во животот“, рече Заев.

GOLD
To Top