Новости

Македонија

Насоки и препораки од Владата за функционирање по стартот на продолжениот полициски час

Владата упати задолженија со насоки и препораки до институциите, економските оператори и граѓаните, а со кои го прецизира спроведувањето на Одлуката со која од задутре се воведува дополнителна забрана за движење на граѓаните, односно се продолжува полицискиот час на целата територија на државата.

Вработените во државните органи, агенции, фондови, бироа, заводи, претпријатија во Скопје, кои не живеат во главниот град и секојдневно патуваат на работа, од задутре треба да бидат упатени да работат од дома. Министерствата и останатите органи на државната управа, пак, треба да го прилагодат работното време согласно со забраната за движење, односно административните и јавните службеници треба да завршат со работните задачи и обврски навреме со цел да можат да стасаат дома пред 16 часот кога почнува полицискиот час.

Министерството за здравство, пак, треба веднаш да подготви план за работа и организација на сите јавни и приватни здравствени установи, како и аптеките во општините на територијата на државата.

Владата ги задолжи општинските кризни штабови да определат економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на територијата на државата, а економските оператори кои се регистрирани да вршат достава на храна преку он-лајн порачки, непречено да ја извршуваат својата работа за време во деновите сабота и недела. За оваа цел, се задолжуваат Општинските кризни штабови, во соработка со МВР да го организира движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.

Економските оператори што имаат производствени капацитети треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес.

И за оваа мерка важат исклучоците за вработените лица во Министерството за внатрешни работи, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на РСМ, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институиции опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани.

 

GOLD
To Top