Новости

Македонија

Нема веќе лудување со тротинети, се воведуваат правила и казни до 120 евра

Возењето на електрични тротинети конечно ќе се регулира со закон. Надлежните со законски измени ќе се обидат да воведат ред во користењето на тротинетите, а за непочитување на прописите предвидени се казни до 120 евра.

Според предлог-измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, МВР предлага електричен тротинет да смеат да возат само лица постари од 14 години. Ако дете под оваа возрасна граница биде фатено со тротинет, се предвидува казна за родителот од 50 евра.

Во пракса, за тротинетите ќе важат слични правила како и за велосипедистите. Тие ќе смеат да се возат само по велосипедска лента, а ако нема тогаш по тротоар или пешачка патека. Ќе мора да се движат по десната страна, а во случај да има повеќе лица со тротинети, тогаш тие треба да возат еден позади друг.

Ако не се почитуваат овие правила се предвидува казна од 80 евра.

Со предлог измените, ќе се ограничи и брзината на движење на тротинетите. По велосипедската патека максималната дозволена брзина ќе биде 25 километри на час, додека по тротоар и другите патеки предвидени за пешаци тротинетот ќе мора да се вози со брзина од најмногу шест километри на час.

За непочитување на овие правила, предвидени се и највисоките казни – глоби од 120 евра.

МВР со законските измени предвидува и задолжителна опрема. Тротинетите ќе мора да имаат бело светло на предната, и црвено на задната страна. Возачот на тротинетот пак, од самрак до разденување, како и во услови на магла ќе мора да носи рефлектирачки елек. Казната за непочитување на овие правила е 50 евра.

Во предлогот, иако не е предвидена глоба, се наведува и дека возачите на тротинети треба да носат и заштитен шлем на главата.

Ваквите законски измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата вчера поминаа на владина седница. Сега ќе завршат во Собрание, каде се очекува пратеничка дебата и нивно гласање.

Регулирањето со закон на возењето на тротинети е само еден сегмент од измените кои ги предлага МВР. Покрај тоа, се предвидуваат и промени во казните за останатите учесници во сообраќајот, продолжување на рокот на важење на возачката дозвола за повозрасните возачи од 70 на 75 години, како и мерката времено одземање на возило кое предизвикува голема бучава и го нарушува јавниот ред и мир на граѓаните, како и возила со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.

GOLD
To Top