Новости

Македонија

Нема договор во Луксембург, одлуката ќе ја носат Европските лидери во Брисел

Нема изненадување во Луксембург. Откако вчера не успеаја амбасадорите, денеска ниту министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ не постигнаа согласност околу определувањето датум за отворање пристапни преговори со Македонија и со Албанија.

Тешка и напорна дебата. Вака шефицата на финската дипломатија, земја која престседава со Унијата, ја опиша дискусијата на министрите. Според неа, неколку земји се колебале за одлуката, а една била строго против за отворање пристапни преговори.

Негативната одлука за Македонија значи дека сега прашањето за отворање преговори се префрла кај шефовите на држави и влади на ЕУ, кои ќе се состанат в четврток и петок во Брисел. Еврокомесарот за проширување Хан е оптимист дека лидерите на земјите членки ќе донесат правилна одлука, иако признава, ова не е ден за гордеење.

Со денешната одлука на министерско ниво, станува јасно дека Франција цврсто инсистира на предлогот за реформа на процесот за прием на нови членки во Европската унија, пред каква била одлука за почеток на преговори со нови земји кандидатки.

Официјален Париз, поддржан од неколку земји го одбил и финскиот нацрт-заклучок, кој беше последен обид да обезбеди датум за двете земји. Предлогот предвидуваше отворање на преговори и паралелно воведување нова методологија.

Пред почетокот на дискусијата, својата воздржаност ја покажа и Холандија.

Според досегашните искуства, тешко е дека на седницата на Европскиот совет ќе дојде до позитивна одлука за Македонија, иако ова е прв пат одлуката за преговори да стигне до седница на Советот. Главна тема на која европските лидери ќе разговараат в четврток и петок според најавите ќе бидат Брегзит и војната во Сирија.

GOLD
To Top