Новости

Македонија

Новиот граничен премин со Грција ќе биде изграден за 4 години

Работни групи на техничко ниво од Македонија и Грција, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија, денеска во Скопје одржаа состанок на кој се разговараше за подготвителните активности за отворање нов граничен премин во месноста Маркова Нога и на територијата на населеното место Лемос на грчка страна, во Преспанскиот Регион.

На состанокот беше потврдена намерата на двете земји реализацијата на овој стратешки проект да започне што побргу, во интерес на жителите на двете страни од границата. Средствата за изградба на граничниот премин ќе бидат обезбедени од ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција во вредност од околу 4 милиони евра, а изградбата на граничниот премин, според најавите, треба да заврши до 2023 година.

„Отворањето на овој граничен премин ќе ги зајакне врските меѓу двете земји и ќе ја олесни комуникацијата и движењето на луѓе и стоки. Во духот на европските вредности, прекуграничната соработка подразбира намалување на бариерите за соработка меѓу земјите и луѓето во регионот, заради обезбедување услови за подинамичен развој. Станува збор за прекуграничен регион, којшто стагнира во развојот. Убеден сум дека со наша иницијативност и со поддршка од Европската Унија, ќе успееме да создадеме услови овој природен потенцијал да биде ставен во функција на развојот на регионот и на граѓаните коишто живеат на двете страни од границата“, рече министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

На изградбата ќе претходи административна процедура којашто вклучува и учество на сите надлежни институции, министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за заштита на животната средина, како и царинските управи.

Од страна на Министерството за надворешни работи веќе се подготвува основниот документ што според ИПА-правилата ќе биде трилатерален, меѓу Македонија, Грција и Албанија. Албанија е вклучена поради тоа што Европската Унија проценува дека овој граничен премин ќе има директно влијание на економскиот развој на целиот регион во којшто територијално е вклучена и Албанија.

Се очекува документот да влезе во владина процедура до крајот на месецот, по што мешана комисија на техничко ниво ќе ги договара другите детали коишто треба да бидат усогласени согласно со процедурите во трите земји.

ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција е во вкупна вредност од 40 милиони евра, од кои 10 насто се резервирани за реализација на овој проект. Минатата година во рамките на оваа програма беа склучени договори за финансирање на 40 други проекти во вкупна вредност од 30 милиони евра. До крајот на програмскиот период се планира уште еден јавен повик за проекти во вкупна вредност од 6 милиони евра на којшто ќе можат да аплицираат невладини организации, општини, институции и други непрофитни субјекти.

GOLD
To Top