Новости

Македонија

Обвинителката Стефанова не се согласува Камчев да добие привремен пасош

Поранешната специјална обвинителка, Лиле Стефанова, не се согласува Орце Камчев да добие привремен документ со кој би патувал во странство поради бизнис средби. До Кривичниот суд е препратено негативно мислење на барањето на Камчев, потвруваат од Обвинителството.

Камчев кој е осомничен во случајот Империја“ бара од судот нов привремен пасош, бидејќи претходниот, што го доби од поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и беше со траење од 6 месеци му истече пред неколку дена.

Во барањето тој навел дека му треба за патување на закажани бизнис состаноци надвор од земјава. За барањето на Камчев одлучува обвинителката Стефанова која го води случајот Империја и по преземањето на предметите на СЈО од страна на ЈО.

Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков во „Империја“ се осомничени за перење пари, на штета на државата, а во своја корист, и сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра. Под лупа на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.

Позитивното мислење за претходниот привремен пасош го потпишала тогашната обвинителка во СЈО и заменичка на Јанева, Елизабета Јосифовска, бидејќи Јанева тогаш била на одмор. Таа во август во екот на аферата Рекет изјави дека кај неа стигнало готово мислење од Јанева, изготвено од соодветни стручни соработници, при што и било кажано дека е по налог на Јанева.

Јанева претходно потврди дека дала одобрение да му биде вратен пасошот на одредено време на бизнисмениот Орце Камчев бидејќи тој требало да учествува во некој управен одбор во странство, но не прецизираше каде.

Јанева е второобвинета во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба, и се наоѓа во притвор во Шутка, во кој првообвинет е Бојан Јовановски кој заедно со Зоран Милески се обвинети дека тргувале со влијание-односно за еден ипол милион евра му ветувале на бизнисменот Камчев ослободување или олеснување на околностите во врска со истрагата за „Империја“ што  тогаш ја водеше СЈО на чело со Јанева.

GOLD
To Top