Новости

Македонија

Од денес започнува увидот во Избирачкиот список

Од денеска до 23 август почнува да тече еден од клучните рокови за претстојниот есенски референдум за името. Граѓаните ќе може да направат увид во Избирачкиот список, а државјаните на Македонија кои живеат во странство ќе можат да се пријавуваат за изјаснување на референдумот и тоа преку апликација што денеска ќе биде промовирана од Државната изборна комисија (ДИК) и со своерачно барање во Дипломатско – конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.

Доколку решат да дојдат во Македонија и да се изјаснат тука, тогаш иселениците нема потреба да се пријават во ДКП-та или преку апликацијата. Нивните имиња, како што објаснуваат од ДИК за МИА, ќе бидат запишани во изводот од Избирачкиот список со последната пријавена адреса во Македонија.

ДИК се очекува денеска, исто така, да ја објави последната состојба во Избирачкиот список. Проверката на податоците во списокот за спроведување на референдумот на 30 септември ќе трае до 23 август 2018 година до 24:00 часот.

Граѓаните можат да ги проверат своите податоци преку  веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата. Доколку забележат неправилности или недостатоци и доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците граѓаните тоа ќе може да го направат со барања кои треба да ги поднесат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Иселениците, пак, ги поднесуваат по електронска пошта до ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должен да одлучи со решение во рок од 48 часа од денот на нивниот прием. Доколку биде донесено решение со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Врховниот суд. Врховниот суд во рок од 24 часа по приемот на тужбата и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.

Во меѓувреме тече рокот за набљудувачи на референдумот. Изјаснувањето ќе може да го мониторираат меѓународни и домашни невладини организации кои во своите статути имаат предвидено активности поврзани со човекови права.

Од Комисијата за МИА потенцираат дека претставници на политички партии нема да може да го набљудуваат референдумот, туку дека Собранието како овластен предлагач може да назначи лица кои ќе ја набљудуваат работата на органите што го спроведуваат референдумот.

Членовите на ДИК вчера веќе имаа средба со претставници на ОБСЕ/ОДИХР кои се очекува да го набљудуваат референдумот.

Досега до ДИК не е поднесено ниту едно барање за набљудување на реферерндумот, кое ќе може да се поднесе до 27 септември.

GOLD
SN Finansii
To Top