Новости

Македонија

Од денес почнува есенската кампања за вакцинација на лисиците против беснило – мамките да не се допираат

Со авионско фрлање на вакцинални мамки, од денес, почнува тринаесеттата, есенска кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за вакцинација на лисиците против беснило која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската унија. На целата територија на Република Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови заклучно со 19 Октомври, од спортските аеродроми во Скопје и Штип, ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки.

Агенцијата апелира до граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Како одговорна институција апелираат мамката да не се допира,но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, таа треба внимателно да се отстрани и остави во помалку населена област, каде ќе биде неможно истата да дојде во контакт со деца.

Ако се случи граѓаните да дојдат во контакт со течната содржина од капсулата, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар. Мамката внимателно треба да се земе со ракавица или кеса и да се понесе со себе.

Од АХВ ги потсетуваат сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Република Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година.
По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација.

GOLD
GoldSlot
To Top