Новости

Македонија

Отворен мал групен дом во Тимјаник, четири деца преместени од СЗ Демир Капија

Официјално почнува со работа новиот мал групен дом во Тимјаник, неготинско. Од денеска тука ќе бидат сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија.

На отворањето на домот присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска,  постојаната претставничка на ОН во земјава Луиза Винтон, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и градоначалникот на Неготино, Тони Делков.

„Недоразбирањата во Тимјаник се надминати, а децата преселени во малиот групен дом. Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани. Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, изјави министерката Царовска.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ, Сојзу на Дефектолози и СЗ Демир Капија и изминатиот период интензивно работеше на подготовка на децата за преместување во алтернативни форми на згрижување. Во новиот мал групен дом децата ќе имаат 24 часовна поддршка од лични асистенти, специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на овие деца полесно и побрзо да се вклопат во општеството.

„Со отворањето на малиот групен дом денес правиме нов чекор кон трансформација на големите институции и обезбедување семејна грижа за секое дете. Заедно со Владата и другите наши партнери секој ден сме се поблиску до остварувањето на заложбата на Владата за ставање крај на институционалната грижа за деца помали од три години до 2020 година.“ изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

Деинституционализацијата преставува премин од социјална грижа во големи „безлични“ институции кон грижа во заедницата. Ова е првиот чекор кон градење похумано општество. Досега од Специјалниот завод Демир Капија се извадени вкупно седум деца.

„Деинституционализацијата е тежок збор но има убаво значење – а тоа е дека секој заслужува место кое ќе го вика дома. Да се обезбеди за сите деца и возрасни со попреченост да ги уживаат своите права, вклучувајќи го и правото да живеат во нормални домови во заедницата – ова е приоритет за УНДП и за целото семејство на Обединетите нации. Ние сме горди што ја поддржуваме Владата во спроведувањето на заложбата за деинституционализација”- изјави постојана координаторка на ООН и УНДП, Луиза Винтон.

GOLD
SN Finansii
To Top