Новости

Македонија

Пациентот со западнонилска треска на Инфективна и натаму во тешка состојба

Шеесет и шестгодишниот пациент заразен со западнонилска треска, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, се уште е во тешка здравствена состојба со манифестација на централниот нервен систем, изјави за МИА директорката на Клиниката, Милена Стевановиќ.

Хоспитализираниот веќе 10 дена е на лекување на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, а болеста претходно му била дијагностицирана во Градската општа болница „8 Септемви“ во Скопје.

– Нема никаква промена во здравствената состојба на пациентот. Нема прогрес. Чекаме да видиме колку ќе успее да се рехабилитира пациентот. Нема новозаболени од западнонилска треска, рече д-р Стевановиќ.

Ова е прв случај на западнонилска треска летово во државава, и е потврден лабораториски во Центарот за јавно здравје во Скопје.

На Инфективната клиника сезонава досега не регистрирале други сомнителни случаи од заразата  што е векторски пренослива преку комарци. Најчесто поминува како настинка, а кај мал процент се манифестира со потешка клиничка слика.

Покрај прскањето против комарци од страна на надлежните институции и епидемиолошките и останатите служби преземаат редовни и рутински активности за превенција и заштита.

GOLD
To Top