Новости

Македонија

Попладне ќе биде донесена одлука дали ќе има изолација за сите патници од ризичните региони

За половина час ќе се знае дали третото лице кое денеска е тестирано има или не корона вирус. Кај двајацата други пациенти кои  побарале помош на Клиниката за инфективни болести тестовите се негативни.

Координативно тело со претставници од повеќе институции, како и од Владата и Комисијата за заразни болести попладне треба да одлучи дали патниците кои доаѓаат од ризичните подрачја ќе бидат ставени во изолација. Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека утрово се разговарало за оваа можност, но одлуката ќе биде донесена попладне.

„Тоа не значи дека патниците кои доаѓаат во државата се без контрола, тие се со препораки како да постапуваат доколку се појават симптоми. Но, утрово разговаравме и за оваа мерка да се стават во изолација по препорака на Владата,  попладне ќе имаме првична средба во Владата каде има членови и од Комисијата за заразни болеси и ќе донесеме одлука“, изјави министерот Филипче.

За половина час ќе се знае и дали третото лице кое денеска е тестирано има или не корона вирус. Кај двајацата други пациенти кои побарале помош на Клиниката за инфективни болести, тестовите се негативни. Ноќеска тестови беа правени и на уште една пациентка која се вратила од Милано и тие покажаа дека нема корона вирус. Пациентите сами се побарале помош на Инфективаната клиника со исклучок на еден од нив кој бил донесен со возило на Итна медицинска помош, заради што се создадало паника таму каде што поминувале, со заштитна опрема.

„Денеска имаше 3 суспектни случаи со симптоми на грип кои доаѓаат од ризичните региони, двајцата се негативни, едниот ќе има резултати за половина час. Сите се наши граѓани што патувале во Италија“, рече Филипче.

Попладне се очекува да слета уште едне авион од Италија на скопскиот аеродром. Филипче нагласи дека таму функционира медицински тим, има заштитна опрема и на граничните премини, дистрибуирани се маски и флаери. Тој рече дека будно се следи  состојбата и засега нема потреба од одложување на јавните манифестации, како што е карневалот во Струмица, Прочка во Прилеп и други поголеми собири. Но, патување во ризичните региони не се препорачува. Во аптеките се уште нема хируршки маски и алкохол за дезинфекција.

“Маските не се начин на заштита, туку може да го зголеми ризикот од инфекција заради манипулација со рацете. Недостатокот со маски е секаде во регионот, ние имаме доволна количина за здравствените работници. Аптеките имаат технички проблем со високопроцентен алкохол,  ќе интервенираме со царината“, изјави Филипче.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат набавени средства за дезинфекција во училиштата. Филипче нагласи дека будно се следи состојбата и во соседните земји како што е случајот со Грција каде што денеска е откриен првиот случај,  во Хрватска каде веќе има два потврдени случаи, се чека на информации од Албанија.

 

 

 

 

 

Извор: Новатв

GOLD
To Top