Новости

Македонија

Редовна седница на Владата, теми – економија, земјоделство и урбанизам

Владата денеска ќе одржи редовна седница на чиј дневен ред се точки од областа на земјоделството, урбанизмот, екологијата и економијата.

Како што информира владината прес-служба, на предлог на Министерство за транспорт и врски, Владата треба да го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

На дневниот ред на денешната седница е и точката за давање согласност за распишување на Jавен оглас бр.03/19 за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари по пат на електронско јавно наддавање.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска на седница на Владата ќе презентира Информација за Амандманот од Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка (Кигали, 2016), со Предлог-одлука за пристапување на Република Северна Македонија на Амандманот кон Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка и со Предлог-закон за ратификација на Амандман кон Монтреалскиот протокол.

Членовите на Владата треба да ја разгледаат и информацијата за Предлог-закон за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија.

На оваа редовна 167 седница, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство министрите во владата ќе ја разгледаат информацијата за потпишаните договори помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Центарот за проценка на ризик во ланецот на исхрана на Република Бугарија, и меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Агенцијата за безбедност на храна на Република Бугарија за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика./МИА

GOLD
To Top