Новости

Македонија

Се воведуваат 10 нови празници, предлог-законот пред пратениците

Десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“, ќе се воведат во земјава, а предлог-законот за празници, денеска е пред пратениците во прво читање.

Со ова, свој ден за славење ќе добијат Словенците, Унгарците, Полјаците, Балканските Египќани, Хрватите, Црногорците, Ерменците, Бугарите, Грците и Русите кои живеат во Македонија.

Ова е предлогот на група пратеници за измена и дополнување на Законот за празниците на Република Македонија, кои воедно предлагаат и промена на името на законот во закон за празниците на Република Северна Македонија.

Со усвојување на предложените измени и дополнувања на Законот за празниците ќе се укине дискриминацијата и исклучувањето што го генерира Законот врз припадниците на заедниците кои се познати како „другите“ од Преамбулата. Во рамките на духот на градењето на концептот за развој на едно општество за сите и оваа категорија на граѓани ќе бидат рамноправни и со еднакви можности со другите граѓани кои имаат право да имаат свој неработен ден, што е значаен за соодветната сопствена историјата, културата и идентитетот на посебната заедница.

Инаку, во Собранието за денеска закажани се седници на комисиите за труд и социјална политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за одбрана и безбедност, за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика е Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2018 година.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет пак ќе расправаат по Годишниот извештај за работа на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија за 2018 година.

На седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се Предлог законот за изменување на Законот за прекршоците во прво читање, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за празниците во Република Македонија во прво читање и Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија за 2018 година.

GOLD
To Top