Новости

Македонија

Се набавуваат 28.000 бесплатни вакцини против грип

Министерството за здравство соопшти дека вакцинацијата против сезонски грип ќе почне на 5 ноември,за што, по пат на јавна набавка, која е во тек, за годинава обезбедува 28.000 дози вакцини. Со тие вакцини бесплатно ќе може да се вакцинираат пензионерите, хронично болните, трудниците и децата со намален имунитет.

Дополнително преку Центрите за јавно здравје ќе бидат обезбедени 21.000 комерцијални вакцини за кои граѓаните ќе плаќаат. Најмногу дози вакцини ќе има во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Од Институтот за јавно здравје информираат дека уште 10.000 вакцини преку донација ќе има за имунизација на здравствените работници во државава.

Во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот се наведува дека 13 нови случаи на грип се регистрирани изминатата недела (од 7 октомври до 13 октомври), што е зголемување во однос на неделата пред неа кога беа регистрирани четири случаи.

Во сезоната 2019/2020 вкупниот број заболени од грип изнесува 17, што е за 10,5 отсто помалку споредено со истиот период минатата година кога биле регистрирани 19 заболени лица. Најголем број заболени – седум се регистрирани во Центарот за јавно здравје Тетово, највисока инциденца се бележи во Центарот за јавно здравје Штип (5,7 на 100.000 жители), а најниска во Центарот за јавно здравје Скопје (0,3 на 100.000 жители), стои во извештајот.

Вакцинацијата е една од најважните превентивни мерки за заштита на здравјето на луѓето. Вакцината против сезонски грип создава имунитет по 14 дена од вакцинација, кој трае околу осум до десет месеци. Согласно препораките на Светската здравствена организација и Програмата за имунизација за годинава, во категоријата ризични групи се опфатени бремени жени во кој било период од бременоста, деца на возраст од шест месеци до пет години, лица над 65-годишна возраст, лица со хронични заболувања, како и лица сместени во геронтолошки центри и вработени во овие центри и здравствени работници, информираат од Министерството за здравство.

Минатата сезона во државава повеќе од 20.000 граѓани беа заболени од грип, а 29 починаа од компликации од вирусот.

GOLD
To Top