Новости

Македонија

Снег во Крушево и Маврово- еве какво време нѐ очекува

Најниска температура од минус два степена утрово е измерена во Пожаране. Еден степен под нулата во Ѓуриште и Маврово, нула во Битола, Берово, Лазарополе, Крива Паланка и Крушево.

Во поголем дел од земјава утринските температури се над нулата: 1 степен во Тополчани, Виница, Тетово, Штип, Прилеп, два степена во Скопје (мерна станица Зајчев Рид), Струмица, Дојран, Куманово, 3 во Дебар, Претор, Скопје (Петровец) и Демир Капија и четири степени во Охрид и Гевгелија.

Девет сантиметри снежна покривка е измерена во Крушево и Лазарополе, осум во Маврово и четири сантиметри во Пожаране. Најмногу наврнат воден талог во изминатите 24 часа е измерен во Лазарополе, 10 литри на квадратен метар, седум во Дебар, шест во Крушево, пет литри во Тетово и Охрид, четири во Маврово, три литри на метар квадратен во Крива Паланка, два во Пожаране и Берово и еден литар воден талог во Скопје и Претор.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека утрово во земјава времето е претежно облачно. Во западните планински делови има врнежи од снег, а во преспанскиот и дебарскиот регион врнежите се од дожд. По одделни котлини има појава на слаба магла, а на некои повисоки места ниска облачност и намалена видливост, од 50 до 200 метри. Дува слаб ветер од југоисточен правец.

Во текот на денот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, во крајните западни делови со врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува умерен до засилен југозападен ветер. Највисоката дневна температура ќе се движи во интервалот од 4 до 12 степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно, попладне со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер. Највисоката температура ќе достигне до 8 степени.

Утре претпладне времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, во западните делови облачно и преку целиот ден со врнежи од дожд, а на планините од снег.

До крајот на денот врнежите ќе се прошират насекаде. На повеќе места во западните делови врнежите ќе бидат обилни. Во текот на ноќта поради нагло заладување врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен југозападен ветер, кој кон крајот на денот ќе се промени во северозападен.

И во четврток на планините во северозападните делови ќе има врнежи од снег претежно со умерен интензитет, така што ќе има континуирано зголемување на снежната покривка. Ќе дува засилен северозападен ветер кој ќе предизвика и значително опаѓање на дневната температура.

GOLD
To Top