Новости

Македонија

Собранието го избра Јовески за нов јавен обвинител

Со 61 глас за, еден воздржан и ниту еден против, од присутни 69 пратеници, Собранието денеска го именуваше Љубомир Јовески за нов јавен обвинител.

Јовески беше избран дури на третото гласање, бидејќи парламентарното мнозинство два пати не успеа да обезбеди кворум за да го изгласа.

На првото гласање „за“ гласаа 59 пратеници, а еден беше воздржан, па на второто гласање „за“ гласаа 60 пратеници и бидејќи немаше кворум претседателот на парламентот Талат Џафери даде пауза за да можат координаторите на пратеничките групи да ги приберат пратениците во салата.

Расправата за изборот на Јовески заврши уште на 15 декември.

Инаку, неговиот мандат трае шест години и тој доаѓа на местото на разрешениот Марко Зврлевски.

Јовески во свечената изјава се обврза дека ќе го почитува Уставот и законите, ќе работи чесно, совесно и непристрасно, како и дека ќе работи на враќањето на довербата на граѓаните во Јавното обвинителство.

„Пред голем предизвик сме да ја вратиме загубената доверба во работата на обвинителството пред граѓаните и да се профилира како професионална институција што ќе ги гони сторителите на кривични дела. Затоа ќе работам обвинителството да ја заштитува законитоста и да обезбедува владеење на правото во Република Македонија“, изјави Јовески.

Тој ја уверува јавноста дека Обвинителството ќе се дистанцира од извршната власт и другите центри на моќ и ќе биде самостоен државен орган надлежен за гонење на криминал.

„Ја гарантирам самостојноста во постапувањето на јавните обвинители и инсистирам да го истражуваат и гонат криминалот и корупцијата, а своите одлуки да ги носат исклучиво врз основа на доказите и фактите што ќе се утврдат, а утврдувањето на вистината да им биде приоритетна цел“, рече тој во изјавата.

Јовевски додаде дека имал конктакти со СЈО и дека значително е подобрена соработката. Сѐ уште е рано, како што вели да се зборува кој ќе му биде прв случај, а законот за амнестија е работа на Собранието дали ќе го донесе или не и нема да се меша во тоа.

Јовески е предлог на Владата за нов државен јавен обвинител кој во судството е уште од 1979 година, кога станал приправник во Секретаријатот за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Бил судија во Општинскиот суд, во Основниот суд Скопје 2, а во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител.

Евротип
SNBROKER
To Top