Новости

Македонија

Сопственик кој го напуштил својот миленик e казнет со 500 евра

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со петстотини евра казнила сопственик за напуштање на својот миленик, по поднесена претставка од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“. Здружението кое ја вдомило кучката, по неколку месеци ја нашле напуштена заедно со уште три кучиња, нејзин помладок.

„Лицето пред инспекциските служби на АХВ потврдило дека бил сопственик на кучето кое не било  микрочипирано, а за кое тврдел дека подолго време е изгубено, зашто немал поднесено пријава“, соопштуваат од АХВ.

Откако кучката која чека вдомување во Англија била пронајдена, повторно била згрижена од здружението и била стерилизирана, а нејзините кучиња се вдомени.

„Треба интензивно да се казнуваат сите оние кои ги напуштаат милениците, затоа што е тоа пример за останатите сопственици кои ќе се запрашаат следен пат дали ќе исфрлат миленик, односно дали ќе земат да чуваат воопшто“, вели Јована Трајкоска од „Анима Мунди“ за Радио МОФ.

Потенцира дека неодговорните сопственици се најголеми виновници за моменталната бројка на бездомни кучиња по улиците, а додава дека нивното санкционирање има голем удел во решавање на ваквиот проблем.

„Засега ова е можеби меѓу првите, ако не и прва изречена казна од ваков вид“, вели Трајкоска изречената казна.

Од Aгенцијата за храна и ветеринарство до сопствениците на домашни миленици апелираат до крајот на годинава да ја искористат можноста и бесплатно да ги микрочипираат милениците. Микрочипирањето се прави во рамки на кампањата за бесплатно микрочипирање што започна во септември минатата година, а чии активности се реализираат во рамки на тригодишната Стратегија за благосостојба на животните на АХВ пренесува радиомоф.

GOLD
To Top