Новости

Македонија

Субвенции за плин за 900 возила

50% од трошоците за оние кои од денеска  ќе купат и вградат плински уред во возилата ќе ги покрива државата.

Од Министерството за економија објавија дека за оваа мерка успеале да изнајдат средства преку ребалансот на буџетот, а заинтересираните ќе добијат максимум до 300 евра во зависност од потрошената сума. Сепак, нема да може да аплицираат возачите, чии автомобили се произведени пред 2005-тата година. На конкурсот, кој е веќе отворен, ќе може да се аплицира во наредните 30 дена.

Предвидувањата се дека субвенции ќе бидат обезбедени за над 800 возила, а ќе се делат по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Од Министерството велат дека со оваа мерка се вклучуваат во владиниот план за чист воздух, а претходно властите истакнаа дека најголеми причинители на аерозагадувањето се транспортот и греењето.

На вчерашниот состанок во Владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, најави дека ќе биде засилена токму контролата при регистрација на возилата и нема да се толерираат загадувачите, а воедно додаде и дека комуналните инспектори, чиј фокус ќе биде потрага по лицата кои предизвикуваат пожари и палат депонии, ќе бидат придружувани од полициски службеници.

Инаку, денеска во главниот град не е алармантно присуството на ПМ-10 честички во воздухот, а тоа пред се се должи на временските услови – во случајов силниот ветер. Очекувањата се дека кога ветрот ќе се намали, концентрацијата на канцерогените честички во воздухот ќе се зголеми..

GOLD
To Top