Новости

Македонија

Трудница го загуби бебето поради зараза од морбили, уште две бремени жени се лекуваат на инфективна

Трудница го загуби бебето бидејќи заболела од морбили. Жената од штипскиот регион која била во 6тиот месец од бременоста, пред десетина дена завршила на Гинекологија каде ја породиле со мртов плод. Наместо зголемување на семејството со уште еден член, пациентката по интервенцијата продолжила со лекување на заразата на Клиниката за инфективни болести.

Изминатиот период неколку трудници биле препратени од Инфективна на Гинекологија каде абортирале бидејќи биле во првото тромесечје од бременоста, кога според лекарите вирусот на мали сипаници е најопасен за плодот.

Како што расте бројот на заболени, се повеќе на удар на малите сипаници се и трудниците. На Инфективна во моментот на болничко лекување се две бремени жени со морбили, од кои едната е пред породување. Покрај нив хоспитализирани се уште 41 пациент со ова заразно заболување. За да можат да ги згрижат сите заболени, од Клиниката пациенти со белодробни заболувања ги препраќаат во други здравствени установи каде третираат таква патологија. Очекуваат бројот на пациенти да расте а тоа го покажуваат и бројките од Институтот за јавно здравје. Изминатата недела регистрирале 126 случаи со морбили, што е најмногу од почетокот на епидемија досега.

-Најголем број од новорегистрираните се невакцинирани, или непотполно вакцинирани. Повеќе од половината се од други градови, што значи се шири во внатрешноста. Имаме повеќе од стотина здравствени работници заболени со морбили, вели др. Владимир Микиќ од ИЈЗ.

На состанокот во вторник Комисијата за заразни болести ќе одлучи дали ќе прогласат епидемија во цела држава. Во меѓувреме, веќе три месеци на влезовите во сите болници и клиники пишува забрана за посета поради епидемијата со морбили. Иако семејства на пациернти реагираат, надлежните велат дека овие мерки ќе важат се додека има зголемен број на заболени.

GOLD
To Top