Новости

Македонија

УЈП ќе проверува која фирма може да земе субвенции за придонесите

Дали некоја компанија ги исполнува условите за да земе субвенции од државата за покривање на придонесите доколку ја зголемила платата на работниците, ќе проверува Управата за јавни приходи.

„Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата, што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на придонеси внесува ознака објавена од страна на УЈП. Управата, за обврзникот кој побарува субвенционирање на  придонеси за осигуреникот, ја проверува исполнетоста на законските услови“, наведено е во Предлог-законот за субвенционирање.

Законот денеска е на усвојување по скратена постапка во Собранието. Тој ќе почне да се применува веќе од стартот на следниот месец, а намерите на власта се со него да им помогне на газдите кои ќе решат да ги „почестат“ работниците со повисоки плати, и тоа да оди преку легалните канали на државата.

Доколку фирмата не ги исполнува условите, УЈП треба да каже која е причината за тоа.

Исплатата на субвенците ќе оди Министерството за труд и социјална политика.

Оваа мерка нема да ја користат оние фирми што имаат други ослободувања преку некои владини програми, или, пак, користат други субвенции.

Придонесите ќе им се покриваат на оние фирми што не се во постапка на стечај или ликвидација, или постапка на бришење и немаат неплатени обврски за плати.

Владата долго размислуваше кој период да се земе како референтен, бидејќи, како што во една прилика рече премиерот Зоран Заев, одредени газди кога слушнале дека ќе се носи законот, веќе ги намалиле платите, за потоа да ги зголемат и да ги искористат субвенциите.

Сепак, на крај одлучила тоа да бидат последните три месеци.

„Референтен период се три последователни месеци кои претходат на месецот за кој обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите за определен осигуреник, во кои осигуреникот нема отсуство од работа поради привремена спреченост од работа, без оглед на остварениот број на часови на работа во референтниот период што осигуреникот ги поминал на работа кај тој обврзник“, стои во предлогот.

Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање е зголемување на нето-плата до 6.000 денари, додека најнискиот износ е зголемување на нето-платата од 600 денари пренесува фактор.

GOLD
To Top