Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите.

Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.

Особено култот кон Света Петка бил раширен во Мариово, како што стои во записите на Крсто Бинев. Во овој крај петокот се празнува повеќе од неделата онака како што Евреите ја празнувале саботата. Тоа празнување, вели запишувачот, не е во чест на воспеаната од светата ни црква светица Петка која се празнува еднаш во годината, имено на 14 октомври, која селаните ја разликуваат од нивната св. Петка, ами по некој стар обичај останат којзнае од кога и којзнае зашто.

Населението за света Петка верува дека е заштитничка на луѓето, нивни застапник пред Бога, ги чува од суша, помор, неплодност, грмење и воопшто од многу зла и напасти. Како празник света Петка повеќе го празнуваат жените. Во Мариово на овој ден мажите можеле да берат дрва, да копаат, да прават рало, само не смееле да ораат. Жените уште од вечерта спроти петокот не работеле никаква работа дури до петокот навечер, како што тоа го правеле Евреите во саботата. Неделата не ја празнувале толку колку петокот ‒ вели запишувачот на овие верувања.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.

Света Петка низ рај шета
Света Петка низ рај шета,
ми ги фати двете раце,
Света Петка по рај шета,
ми ги фати двете нозе.

Света Петка по рај шета,
ми ги ослепе двете очи.
Па ме фати за десна рака,
ме одведе посветена црква,
ми ги пушти мене двете раци.

Ме одведе посветен манастир,
ми ги пушти двете нози.
Ме одведе на посветен камен,
Ми ја пушти мојата сила.

Ме одведе посветена вода,
Ми ги изми двете очи.