Новости

Македонија

Филипче: Сега е исклучително важно да се почитуваат сите мерки

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на редовната прес-конференција информираше дека денеска во Министерството за здравство се отвораат понудите за респираторни машини – постапка во којашто предност се дава на рокот на испорака. Исто така, почнува уште една постапка за набавка на три илјади реагенси за лабораторијата на Институтот за јавно здравје.

На прес-конференцијата, министерот Филипче потенцираше дека е објавена и листата на донатори. Тој изрази благодарност до сите компании и поединци кои донираа. На сметката на којашто се донираат парични средства собрани се близу 60 милиони денари и сите средства ќе бидат употребени за набавка на материјали за третманот на пациентите заболени од коронавирус.

„На Клиниката за инфективни болести се примени пет нови пациенти. Во моментов, вкупниот број изнесува 68. Со потешка клиничка слика се 20 пациенти, а седум се во критична состојба – приклучени на респираторна машина. Примени се мајка и четиримесечно бебе од Кочани, кои во овој момент имаат стабилна клиничка слика. Кај четворица од пациентите кои се лекуваат на Клиниката се чека и вториот контролен тест. Првиот тест е негативен, доколку и вториот тест е негативен ќе бидат пуштени дома“, изјави министерот Филипче.

Во Градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се 25 пациенти. Пет од нив се во тешка состојба и тие се наоѓаат во делот за интензивно лекување приклучени на респираторна машина. Во Битола четири пациенти се на болничко лекување – во сосем стабилна состојба. На еден пациент му е потребна кислородна поддршка, а целосно се следат и пациентите кои се на домашно лекување. Двајца пациенти од Штип кои беа на домашно лекување се негативизирани на вирусот во текот на вчерашниот ден. Во болницата во Штип четворица пациенти се на болнички третман –во моментов во стабилна состојба.

Во однос на состојбата, министерот Филипче изјави дека направен е 341 тест и регистрирани се 46 нови случаи позитивни на коронавирус. По градови: Скопје 12, Куманово 13, Прилеп 8, Тетово 1, Струга 2 , Велес 8, Кочани 1, Пробиштип 1. Досега се направени вкупно 6.571 тест од КОВИД-19.

„Има еден притвореник во затворот во Шутка којшто починал од срцев удар. Немал симптоми и немал висока температура, примен бил на 8 март минатиот месец. Меѓутоа, на обдукцијата после земениот брис тој е позитивен на вирусот и сега во овој момент се прават епидемиолошки анкети на сите кои биле во близок контакт, по што ќе се преземат соодветни мерки и за што ќе ја информираме јавноста. Во Домот за стари лица во Битола примен е еден штитеник на 18 март, а една недела подоцна префрлен на инфективното одделение во Клиничката болница во Битола поради зголемена температура. Во следните денови била добиена потврда дека брисот за КОВИД-19 е позитивен. Земени се брисеви на сите во останатите соби, на дел од персоналот кои биле во контакт и дадени се препораки за темелно чистење, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја испита целата постапка“, посочи министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека сме во фаза во која се воведени најрестриктивните мерки – во смисла на рестрикција на движењето.

„Сметаме дека мерките ќе дадат резултат. Истовремено се спремаме постепено и за тогаш кога ќе дојде соодветниот период, согласно бројот на новодијагностицирани пациенти кои што искрено се надевам дека согласно предвидувањата дека кон крајот на април ќе го достигне врвот по што постепено животот ќе започне да се враќа во нормала, како и целокупниот работен процес. Сакам да упатам една јасна порака дека нема да може така лесно целокупниот работен процес и животот да се врати во нормала со истиот интензитет, имајќи го предвид искуството на некои други земји и предвидувањата во исто време дека секогаш постои ризик и за втор пик на дијагностицирани“, информираше министерот Филипче.

Тој додаде дека од следната недела се почнува со интензивна комуникација со претставници на стопанските комори, на коишто од страна на Комисијата за заразни болести ќе им се даде јасна насока на економските оператори, производствените капацитети, рестораните и другите, како треба нивниот работен процес да го организираат – за кога ќе се одлучи дека е дојден моментот да се отстранат сите рестриктивни и ригорозни мерки целокупниот тој процес да се врати во нормала.

„Дозволете да ги повикам граѓаните – сега е исклучително важно да се почитуваат сите мерки. Како поминуваат овие денови во коишто е воведена сериозна рестрикција во движењето ние сме се поблиску до целта – а тоа е да го спречиме ширењето на вирусот и да го сочуваме нашето здравје. Сакам да се сите свесни дека ова е сериозен влог денеска за подобро здравје утре. Навремено воведовме мерки согласно дијагностицирани пациенти. Тие стануваа се порестриктивни и го амортизиравме ударот врз здравствениот систем во нашата земја. Здравствените работници во ниту еден момент не отстапија. Знаеме дека е ова тежок период, ова мора да се издржи, да бидеме дома. Секој ден како поминува ние стануваме се посилни и за што пократко време ќе кажеме дека сето ова вредеше и дека сме го зачувале нашето здравје и постепено нашиот живот ќе го вратиме на нашиот нормален колосек“, додаде Филипче.

GOLD
To Top