Новости

Македонија

Британскиот сој на ковид-19 откриен кај 46-годишен македонец кој од 22 јануари се води за оздравен

Мутација на британскиот сој на ковид-19 е детектирана денеска кај оздравен 46-годишен маж од ковид-19, при анализа на податоци во приватна лабораторија за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“, соопшти Министерството за здравство. Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Новиот сој на коронавирусот прво се забележа во Велика Британија и се покажа дека побрзо се шири, но здравствените власти уверуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и против мутациите. Новиот сој беше откриен и во Шведска, Франција, Германија и Шпанија, како и во Хрватска и Словенија, а од скоро и во Србија.

Според информациите од ИЈЗ, пациентот првпат на 29 декември 2020, поради покачена температура и отежнато дишење, прави брз ковид тест. Тестот е со позитивен резултат. На 4 јануари 2021 се јавува на преглед во приватната болница „Жан Митрев“ каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во болницата. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

Во епидемиолошката анкета пациентот нема пријавено контакти ниту пак навел дека патувал надвор од државата.

„Во лабораторијата во болницата ‘Жан Митрев’ со посебна ПЦР метода е утврдено дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до нас, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на ковид-19“, вели Министерството.

GOLD
To Top