Новости

Македонија

Влез за државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и БиХ во земјава само со негативен ПЦР-тест

Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и на Босна и Херцеговина при влез на граничен премин на територијата на нашата држава од денеска задолжително ќе треба да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест RT PCR SARS-CoV-2, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја. Воедно треба да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Доколку само транзитираат можат да ја поминат границата без ПЦР-тест.

Ова го одлучи Владата на вчерашната седница по предлог на Комисијата за заразни болести по разгледување на актуелната епидемиолошка состојба во четирите земји согласно информациите добиени од медицинските власти во тие земји.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска порача дека воведувањето на обврската за државјаните за четирите земји се прави со цел да се заштитат нашите граѓани, бидејќи епидемиолошката состојба и во нашата земја е таква да треба да се воведат ПЦР тестови.

-Тоа е национална политика. Ние ова го правиме за да ги заштитиме нашите граѓани. Нашата одлука беше врз основа на медицински епидемиолошки податоци со сознанија за ситуацијата со епидемијата во овие земји. Така ја донесовме препораката. Утрото беше дискутирано на Комисија и го предложивме тоа на Владата врз основа на сознанијата, информациите кои се темелат на тоа дека голем процент од вкупно направениот голем број на тестови се позитивни, што значи дека вирусот во овие земји е широко раширен. Дополнитлено на тоа, се и информациите за преполнети болнички одделенија во повеќе градови, рече Филипче во одговор на прашање во изјавата кај Школка во Градски парк во Скопје заедно со Биба Додева од Борка.

Тој посочи дека ништо не би се сменило и доколку најавата за неопходноста од ПЦР тестови за влез во земјава за граѓаните од четирите земји би била објавена еден ден порано од стапувањето на сила.

GOLD
To Top