Новости

Македонија

Во наредните 10 дена инспекторските тимови активно ќе ги информираат и едуцираат угостителите за примена на протоколите

Претседателката на Инспекцискиот Совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција, информираше за деталите за воведените протоколи за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти, кои произлегуваат од измените на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, како и за идните планирани активности на инспекциските служби во насока на контрола на примена на протоколите.

„Би сакала да ја информирам јавноста, дека формираме тимови на инспектори кои во наредниот период од десетина дена, координирано ќе вршат надзор врз спроведувањето на контролите во угостителските објекти, коишто првенствено ќе имаат едукативна и информативна функција, односно запознавање на угостителите со протоколите во детали. Во овие тимови ќе има инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а новина е што тимовите се засилуваат и со контролори од Управата за јавни приходи, со што ќе имаме координиран и сеопфатен пристап при посетата на угостителските локали“, посочи Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет ги презентираше и главните поенти од содржината на донесените протоколи за отворање и работа на кафетериите и угостителските објекти, при што потенцираше дека врвен приоритет на овие протоколи е да се зачува здравјето на граѓаните.

„Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдува дека работното време е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице. На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство. Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорно лице. Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. Протоколот утврдува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба. Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)“, објасни претседателката на Инспекцискиот совет.

Филиповска-Грашкоска извести дека во периодот од 19-ти до 26-ти мај, инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства беа особено активни и извршија 2.375 инспекциски надзори.

„Државниот пазарен инспекторат изврши најголем број, односно 1289 вонредни инспекциски надзори, во правни субјекти од нивна надлежност, а државниот инспекторат за труд во периодот од 19-26 мај, спроведе 436 контроли. Во врска со работите поврзани со трудовото право, би сакала да истакнам дека Владината одлука од вчерашната 57-ма седница за враќање на работа од Први јуни, не важи за хронично болните и за родителите кои имаат деца на возраст до 10 години, или деца на претшколска возраст, како и на бремени жени и би ги повикала работодавачите да продолжат да го почитуваат ова право на работниците, се до донесување на друга одлука. Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство извршија 192 контроли, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат пак, реализираа 234 инспекциски надзори, оние од Државниот инспекторат за транспорт направија 180 надзори во изминатиот период, а инспекторите од МАЛМЕД реализираа 44 вонредни инспекциски надзори“, кажа Филиповска-Грашкоска.

Претседателката на Инспекцискиот совет упати апел до граѓаните да се придржуваат до Владините мерки за самозаштита, и ги повика правните лица стриктно да ги почитуваат протоколите.

„Инспекторските тимови ќе бидат насекаде за да го контролираат спроведувањето на протоколите и да укажат на неправилности, за да истите се надминат. Сепак, треба да разбереме, дека се работи за сите нас. Повикувам на свесност и совесност, тоа е нашиот клуч за функционирање во новата нормалност“, нагласи претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

GOLD
To Top