Новости

Македонија

Горан очаен што не може да го најде својот брат на Халкидики: Не можам да си одам без него

Не можам да се вратам дома без брат ми, вели Горан Јовановски, брат на Мартин (31) кој пред 11 дена исчезна во морето на Халкидики.

Мартин со двајца пријатели исчезна во водата на плажата Посеиди, кога силните струи ги однеле. Едниот беше извлечен по неколку часа, а другиот пронајден по 20 часа потрага. Од Мартин пак се уште нема ни трага ни глас.

Неговото семејство минатата недела пристигна во Грција и оттогаш учествуваат во континуираната потрага по Мартин.

Горан дошол во Грција со пријатели и доброволци од родниот крај, за што побрзо да го најде својот брат. Со него се неговата мајка, сопругата и нивното десетмесечно бебе.

„ Десет дена активно трагаме по брат ми и засега нема резултати, ништо“ очаен е Горан.

Тој истакна дека потрагата по Мартин е многу скапа и побара помош од Грците и локалната власт, истовремено заблагодарувајќи им се на волонтерите кои несебично помагаат сите овие денови.

„ Пребарувањето станува многу скапо. Изнајмуваме авиони, подводни дронови со термални камери, чамци. Сето тоа станува финансиски неодржливо за моето семејство. Сакам да им се заблагодарам на волонтерите кои дојдоа од Македонија, на грчките спасувачи волонтери кои беа со нас цело ова време и на сите луѓе кои уплатија донации од целиот свет. Не можевме ништо без нив. Благодарни сме и на грчката влада која ја прошири истрагата“ – рече Горан.

Вели дека тој и неговото семејство се „заробени“ во туѓа земја, чиј јазик не го знаат.

„ Не можам да одам дома без брат ми. Не можам ништо да и кажам на мајка ми. Како да си одам дома без брат ми? Затоа барам грчката влада да ни помогне на кој било начин, со авиони, дронови, хеликоптери… Во потрагата можат да помогнат и цивили со нивните чамци. Може да помогнат и граѓаните со дронови. Имаме ограничен број луѓе, а треба да се пребара голема површина – вели братот на исчезнатиот млад човек.

Спасувачките доброволци велат дека нивниот подводен дрон е вклучен во потрагата и тие ќе дадат се од себе да го пронајдат Мартин.

Евротип
SNBROKER
To Top