Новости

Македонија

Грипот сепак е присутен во Македонија – типот инфлуенца Б потврден кај прилепчанец и кумановец

Во неделниот извештај за состојбата со грип Институтот за јавно здравје наведува дека од лабораториски тестираните примероци, кај едно лице од Прилеп кое имало симптоми на грип, оваа сезонска болест е и лабораториски потврдена. Претходно лабораторски е потврден грип и кај болно лице од Куманово. И кај двете лица се работи за грип од типот Инфлуенца Б. Вкупно во оваа сезона лекарите пријавиле 666 случаи на грип.

„Во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје во анализираната недела од 22-28 февруари пристигнати биле четири материјали за лабораториско тестирање на грип и дополнително, 281 материјал кој е тестиран паралелно и за грип и за ковид-19. Во текот на оваа недела е детектиран еден позитивен материјал – Influenza B, кај пациент од Прилеп“, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Во претходната недела истиот тип на грип беше потврден кај заболено лице од Куманово.

„Во сезоната 2020/2021 вкупниот број на заболени изнесува 666 (I=32,2/100.000), 33 пати помалку во споредба со истиот период минатата сезона (n=22.071) и 98,4% помалку во однос на типичната сезонска крива (n=19.660)“, наведува Институтот.

Во последната недела од страна на лекарите биле пријавени 50 случаи на грип. Новозаболени се пријавени во Дебар, Охрид, Струмица, Кавадарци, Куманово и во Прилеп.

Инаку, според лекарите, грипот сепак е присутен, а на прашањето зошто го има во мал број велат дека една од причините, покрај здравствените мерки, како што се дистанцата и носењето маски, е што голем број од луѓето со симптоми, се тестираат само за ковид-19, а по негативниот резултат се лекуваат во домашни услови како за настинки.

Најдобрата заштита против грипот секако е вакцината. Во Македонија, според последните податоци, вакцинирано е вкупно 39.491 лице.

СН Брокер
To Top