Новости

Македонија

Денеска е светскиот ден на детето

Генералното собрание на Обединетите нации во 1954 година го означи 20 Ноември како Светски ден на детето, кој има за цел да обезбеди благосостојба на децата низ светот и да ги потсети возрасните дека децата како рамноправни членови на секое општество имаат свои права и истите треба да се почитуваат.

Генералното собрание на ОН на 20 Ноември 1959 година ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена и Конвенцијата за правата на детето, која Република Македонија ја ратификуваше во 1993-тата.

Сите држави членки кои ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето, според член 19 од Конвенцијата за правата на детето се обврзаа да ги преземат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки да го заштитат детето од сите облици на физичко или психичко насилство, повреди или злоупотреби, занемарувања или немарен однос, малтретирања или експлоатации, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба.

Сите деца ги имаат правата од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што работат нивните родители, дали се сиромашни или богати, кој јазик го зборуваат, на која религија или култура припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Сепак, покрај одредбите на Конвенцијата и напредокот кој е постигнат, статистиката покажува дека децата и понатаму се соочуваат со големи предизвици. Покрај сиромаштвото голем проблем на децата е и невакцинацијата, но и неадекватната исхрана, како и недоволната социјализација и образование кои се многу важни за развојот на детето.

Последните години многу повеќе е зачестено и врсничкото насилство и тоа најчесто помеѓу децата во основните, но и средните училишта.

 

 

GOLD
To Top