Новости

Македонија

Денеска почнува божиќниот пост: Вака правилно треба да постите

Денеска 28 ноември започнува големиот Божиќен пост. За разлика од Велигденскиот пост, чиј почеток варира, овој пост секогаш започнува на овој датум и трае 40 дена, а завршува со Божиќ (6 јануари).

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар денеска почнува шестнеделниот божиќен пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божиќ, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божиќ не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Православните христијани слободно одлучуваат за овој подвиг чија цел е чистење на душата и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста” за употреба на храна, божиќниот пост е „поблаг”, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Во Православната црква практика е во текот на божиќниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божиќ. Целта на постот е да се „исчистат” духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божиќниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости.

Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември.

Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.

Лицата кои доследно ги почитуваат правилата постат секоја среда и петок, бидејќи тоа се деновите кога Христос е осуден и кога умрел на крстот.

Божиќниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век.

Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Собор во 1166 година.

Траењето на божиќниот пост се објаснува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до Витлеемската пештера, во која на 25 декември е роден Богомладенецот Исус. Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои христијанството го одбрале за своја вера, како што за мудреците кои верувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот единствена водилка била најсветлата ѕвезда на небото, која се движела од западот кон истокот и која ги довела во Витлеем.

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло, вино и риба. Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло, вино и риба, пишува бигорски.орг.мк

Во текот на целиот овој пост не се јаде месо, млеко и млечни производи и јајца. Масло и вино се дозволени во сите денови освен среда и петок, кои се пости „на вода“. Риба се јаде секоја сабота и недела, како и на Воведение на Пресвета Богородица.

Последната недела од божиќниот пост се пости построго. На Бадниковиот ден не се употребуваат ниту масло ниту вино, туку се пости „на вода“.

Со оглед на тоа дека постот исклучува консумирање месо и млечни и животински производи кои на нашите простори се најчестиот извор на протеини, но и на други клучни нутриенти, не смееме наредните 40 дена да го поминеме на компир и леб со џем, туку да се погрижиме организмот и понатаму да ги добива неопходните витамини, минерали и други хранливи состојки.

Во продолжение погледнете до кои правила треба да се придржувате за да го испочитувате постот и да се причестите.

28 ноември: Првиот ден од постот не е особено тежок. Тие што решиле да постат можат да јадат риба, зготвена храна, но не и растително масло. На овој ден можете да подготвите супа од зеленчук и ориз.

29 ноември: Во петок е забрането да се јаде зготвена храна. Верниците веруваат дека на овој ден треба да се јадат ореви, овошје и свеж зеленчук. Исто така дозволено е да се јаде леб, мед и суво овошје.

30 ноември/1 декември: Дозволено е да се подготвува риба на растително масло.

2 декември: Не смее да се јаде масло, но сепак можете да зготвите оброк, на пример крем-супа од зеленчук како главно јадење и варен зеленчук за вечера.

3, 4 и 5 декември: Може да се јаде риба со малку маснотии или посна пита.

6 декември: На овој ден се јаде термички необработена храна – ореви, мед и суво овошје. Таквата храна ќе ве наполни со енергија.

7 и 8 декември: Овие денови можете повторно да јадете риба и морска храна. Тестенините од лигњи се одлична вечера.

9 декември: Во понеделник e забрането масло, па може да направите каша од просо во која може да додадете овошје и мед. За вечера, можете да испечете зеленчук или да јадете кисели краставички.

10 декември: Ден за риба. Слободно можете да јадете риба и морска храна.

11 декември: Ова повторно е ден на сува. Можете да јадете салати од свеж зеленчук, сушено овошје и јаткасти овошја.

12 декември: Дозволена е храна во масло. Можете да јадете риба, секакви видови пецива, но никако не смеете да јадете месо, млеко и сирење.

21-22 декември: Овие два дена рибите се главни на менито.

23 декември: Може да се јаде варен оброк со база на вода и салати.

24 декември: На овој ден е дозволено да се јадат оброци подготвени на масло.

25 декември: Ден на сува и сурова храна. Јадете мед за да си ја вратите енергијата.

26 декември: Дозволено е да се јаде зготвена храна.

27 декември: Ден за сува храна. Јадете свежо овошје и зеленчук.

28-29 декември: Овие денови јадете риба.

30 декември: Ден без масло. Варен зеленчук, крем супа, салата…

31 декември: Денеска во оброците може да додадете масло. Направете си домашна пита од компири.

1 јануари: На овој ден не се јаде термички обработена храна.

2 јануари: Може да се јаде готвена храна, но без масло. Консумирајте варени житни култури за да го снабдите телото со витамини.

3 јануари: Ден за сува храна.

4 и 5 јануари: Овие два дена можете да зготвите супа, грашок, грав, леќа во масло.

6 јануари: На Божиќ се јаде суво овошје и се практикува строг пост.

Евротип
SNBROKER
To Top