Новости

Македонија

Доминацијата на омикрон завршува до крајот на февруари, вели проф. Даниловски

Епидемиологот проф.д-р Драган Даниловски и натаму останува на своите ставови дека напролет коронавирусот ќе се сведе на „сезонски грип“, Тој очекува до крајот на февруари да спласнат инфекциите со сојот омикрон, кои потоа би се одржувале на ендемично ниво.

-„На запад ништо ново!“ Јас уште одамна, поточно, на 31 август 2021 година, напишав дека „делта монструмот полека ќе се сведе на „скротен лав“- исто како што тоа се има случено со неговите сродници, четирите типови на коронавируси што предизвикуваат обична настинка.“ Се случи на крајот на ноември истата година да се појави омикрон. На 4 декември 2021 година за Нова ТВ имав изјавено: „Значи, јасно е дека со короната е завршено. Ќе се оствари она што јас одамна го изјавувам – дека напролет ќе се сведе на „сезонски грип“ – нешто со што се согласни и други епидемиолози во светот. Ова е нешто што треба да нѐ охрабри, да нѐ извади од чувството на безнадежност и песимизам.“ Останувам и понатаму на тие мои ставови – вели Даниловски во изјава за Нова Македонија.

Тој вели дека омикрон „пламна како шумски пожар, но како и секоја огнена стихија, почна да се задушува сам во себе“ и дека „сѐ повеќе му недостасува „кислород за горење“.“

– Во Македонија врвот на бранот го достигнавме на 18 јануари – порано отколку што прогнозиравме (крајот на јануари). Оттогаш трендот на нови заразени е надолен. Грубо, колку што траеше растот, толку ќе трае и падот. До крајот на февруари, омикронот ќе спласне. И ќе се одржува на ендемично ниво, некое време, пролетта… За веќе понатаму да се сведе на спорадични (неповрзани меѓу себе, единечни, случаи). Понатаму, ќе го имаме меѓу нас, сосема исто како што го имаме сезонскиот грип – додава професорот.

Евротип
SNBROKER
To Top