Новости

Македонија

До крајот на септември кризата зема околу 15 илјади работни места, вкупно без работа се над 150 илјади лица

Повеќе од 2.000 лица останале без работа само во септември, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Со ова, бројот на изгубените работни места поради кризата предизвикана од ковид 19 се приближи до 15.000.

-Со состојба на 30.09.2020 година евидентирани се 14.819 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11 март годинава, односно во периодот на кризата предизвикана од ковид -19 вирусот, информираат од Агенцијата за вработување.

На крајот на август Агенцијата објави 12.580 изгубени работни места од почетокот на ковид-кризата, а зголемувањето од 2.239 најмногу се должи на престанокот на обврската за компаниите кои користеа субвенции за плати да ги задржат вработените.

Од невработените во септемвриската евиденција на Агенцијата има 6.315 лица кои биле вработени, па останале без работа. Од нив 4.469 статусот на невработен го стекнале по 11 март годинава. Меѓу лицата кои останале без работа и се уште се невработени има и двајца доктори на науки и дури 77 магистри. Најбројни, вкупно над 2.600 меѓу нив се лицата со средно образование.

Наспроти големиот број изгубени работни места Агенцијата за вработување во текот на септември примила 4.664 пријави за нови вработувања.

Вкупниот број на невработени кои активно бараат работа на крајот на септември се искачил на 151.359, од кои над 2.000 прв пат се пријавиле како невработени. Со тоа бројот на лица евидентирани како активни баратели на работа на крајот на септември е за 6.600 поголема отколку на крајот на август. Бројот на невработени во државата од март, кога почна кризата до крајот на минатиот месец е зголемен за близу 44 илјади.

Бројот на пасивните баратели на работа во исто време се намалува и тоа од околу 86 илјади во март на нешто над 82 илјади на крајот на септември.

GOLD
To Top