Новости

Македонија

Драстичен раст на пациенти, кои од домашно лекување завршуваат во болнички кревет

Драстично се зголемува бројот на пациенти кои од домашно лекување поради влошување на состојбата со Ковид инфекцијата мора да завршат на болничко лекување. Од скопската брза помош само од први до 12ти месецот имале дури 197 транспорти на пациенти до болниците кои се пожалиле дека тешко дишат и немаат здив. Во октомври пак, медицинските екипи до здравствените установи имале пренос на 138 болни позитивни на вирусот.

-Одат комплетни медицински тимови бидејќи станува збор за влошување на клиничката слика, подготвени се со кислород доколку има потреба за време на транспортот да бидат на кислородна поддршка. Бројот на преноси е двојно зголемен, вели др. Милица Бубало, раководител на Брза Помош Скопје.

Дали ова е последица на лекувањето по телефон на матични со пациенти кои со заразени со Ковид-19 засега нема анализа од надлежните институции. Но голем број граѓани на социјалните мрежи пишуваат дека немаат директен физички контакт со лекарот и тешко може телефонски да се утврди какво е дишењето на болниот и дали има пневмонија. Друг проблем според експертите е и немањето на протоколи па лутаат и болните и здравствените работници.

-Мора да имаме протоколи за лекување, еве нека преведат некои што веќе ги има, вака лутаат пациентите, вели Никола Пановски, микробиолог.

И додека чекаме на официјални протоколи за лекување, потреба има и од медицински сестри, особено во Брза Помош каде тимовите се засилени со 18 лекари кои биле на специјализација но ја прекинале и се вратиле во матичните установи.

-Секој тим има лекар, возач и сестра и секако има потреба од тоа. Инаку, дневните тимови ги утврдуваме согласно потребите, вели Бубало.

Во моментот околу 300 здравствени работници се позитивни на Ковид-19 а битката со вирусот денеска ја изгуби уште еден лекар. На Инфективна клиника почина 49 годишниот Шукри Фазлији специјалист интернист од кумановската болница.

GOLD
To Top