Новости

Македонија

Драстично намален бројот на заразени од Ковид-19, од 1 јуни веројатно намалување на рестрикциите

Според последните податоци во моментов се активни 1197 случаи на заболени од Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега во земјава од Ковид-19 се заразија 155269 лица, оздравеа 148664, а починаа 5408, што укажува на драстичен пад на бројките, како и добра основа за најавеното олабавување на мерките за заштита од Ковид-19, од страна на надлежните.

Имено, откако во петокот Комисијата за заразни болести заседаваше, беше донесена одлука, врз основа на стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи во изминатите недели, да се достави предлог до Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки.

Од Министерството за здравство информираа дека Комисијата до Штабот предложила од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни. Предлага и да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.

– Спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила. Полицискиот час останува во сила, наведоа МЗ.

Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе бид дозволена и организација на ваков тип настани.

– Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките, повика ресорното Министертство.

Според последните информации од Министерството за здравство, поради намалениот број новозаболени лица е намалена и оптовареноста на болниците. Во изминатиот период некои ковид-оддели беа затворени и беа вратени во функција на нивната првобитна намена.

Вакцинацијата се одвива во најдобар ред, според планираното.

Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Новитет е страницата https://vakcinacija.mk/revaccination, која е наменета за регистрација за ревакцинација на лицата кои се вакцинирале во странство. Страницата ќе биде во функција до 6 јули.

– Преку регистрацијата на граѓаните ќе можеме да добиеме детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можвме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат, наведоа од Министерството за здравство.

Се уште најголем број на новозаразени лица се бележи во Скопје. Од моменталните активни 1191 случаи, 506 се во Скопје. Според последните податоци, во Дојран и Демир Капија нема ниту еден активен случај.

Евротип
Евротип
To Top