Новости

Македонија

Заев му ги предаде потписите на Иванов

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска му достави 67 потписи на претседателот Ѓорге Иванов и сега се чека на неговата одлука. Заев заедно со заменик-претседателката Радмила Шеќеринска и со генералниот секретар Оливер Спасовски на Иванов му ги предадоа потписите од 67-те пратеници од СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА.

По средбата од СДСМ брифираат дека претседателот Иванов мандатот ќе му го додели на Заев утре или најдоцна во среда. Од претседателскиот кабинет велат одлуката за доделување на мандат за состав на Влада ќе биде донесена во следните неколку денови. Заев пред влегувањето во претседателскиот Кабинет даде изјава во која го нарече овој ден историски за Македонија.

„Денеска, очекувам господинот Иванов да го врачи мандатот во најбрзо можно време за да може да отпочнеме преговори за создавање и формирање нова влада за граѓаните на Република Македонија. Истовремено, ја користам можноста да испратам порака до сите граѓани, но и до институциите на државата, дека следува мирен и брз трансфер на власта во Република Македонија“, рече Заев.

Ако Заев го добие мандатот, според Уставот, ќе има дваесет дена да формира мнозинство. Сите три страни, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА му ги дадоа потписите, но најавија дека дополнително ќе преговараат и одлучуваат дали ќе влезат во владата.

GOLD
To Top