Новости

Македонија

Закон за ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ: Нема компромис со климатските промени – твоја одговорност е да го заштитиш сопственото производство и добиток

Климатските промени се комплексен проблем, за чие решавање е потребно спроведување на активности на повеќе нивоа на човековиот, општествениот и економскиот живот.

Владата на Република Северна Македонија изготви закон за задолжително осигурување во земјоделството, со цел воспоставување на систем на осигурување, кој ќе обезбеди ефикасен, брз и економичен пристап на заштита на лицата кои се занимаваат со земјоделство од ризиците предизвикани од временски непогоди и други настани, ефикасна исплата на штетите и заштита на Буџетот на Република Северна Македонија преку правична и навремена исплата на надоместоци по премија. Всушност, согласно законот се основа Земјоделски осигурителен пул за задолжително осигурување во земјоделството заради вршење на дејноста на задолжително осигурување во земјоделството.

Во тек е кампања за промоција на новиот закон, за да се запознаат земјоделците и релевантните институции.

Осигурувањето во земјоделството во државата е на многу ниско ниво. Имено во 2021 година имало 3.858 полиси за земјоделско осигурување. Тоа е многу мала бројка во однос на регистрираните 161.657 земјоделски стопанства во земјава. Во 2020 година имало 118.481 стопанство кои се квалификувале за субвенции, од кои 23.734 биле сточарски стопанства. Во 2021 година се издадени само 684 полиси за осигурување на добиток, што е многу мал број во споредба со претходно споменатите 23.734 сточарски стопанства.

Земјоделските стопанства регистрирани во единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС)  согласно со Законот за земјоделство и рурален развој пред поднесување на барање за финансиска поддршка согласно годишната програма за финансиска поддршка во земјоделството за тековната година се должни посевите и плодовите од насадите, грлата добиток и пчелните семејства за кои бараат финансиска поддршка да ги осигураат во Пулот од штети предизвикани од временски непогоди и други настани.

Физичките и правни лица кои не се регистрирани во ЕРЗС а остваруваат земјоделско производство можат да го осигурат своето земјоделско производство во Пулот со документација пропишана со актите на Пулот и со целосно плаќање на премијата.

Ризици на осигурување во земјоделскиот сектор се град, молња, поплава, суша, пролетен мраз, бура, пожар, болест и несреќен случај.

Осигуреникот со склучување на договорот за осигурување со друштвото на сметка на Пулот плаќа од 20% до 80% од премијата за осигурување со што во случај на исполнување на условите за исплата на штета се стекнуваат со право на соодветна осигурителната сума и тоа:

со платени  20% од  Премијата се стекнуваат до 40% од осигурителната сума,со платени  30% од  Премијата се стекнуваат до 50% од осигурителната сума исо платени  80% од  Премијата се стекнуваат до 100% од осигурителната сума.

Кампањата за промоција на законот започнува од Битола, и ќе се одржи вторник, 1 ноември од 12 часот во малата сала на Центар за култура.

Нема компромис со климатските промени – твоја одговорност е да го заштитиш сопственото производство и добиток.

Евротип
SNBROKER
To Top